Microsoft може слободно да се каже дека се познати по наметнувањето на нивните производи на корисниците, а посебно преку Windows, системот кој е користен од огромно мнозинство од корисниците.
Познати се ситуациите кога од компанијата се обидуваа да го „промовираат“ нивниот Microsoft Edge, па едно време изборот на друг прелистувач како главен во Windows не беше баш така лесна активност.
Иако поради критиките од корисниците Microsoft престана или барем намали со ваквите практики, сепак во Windows 11, а таков беше случајот и во Windows 10, без разлика кој е главниот прелистувач кој го има избрано корисникот, линковите од Search и Widgets деловите, се отвораат во Edge.
Во најновата тест верзија од Windows 11, конкретно таа за Dev каналот, Microsoft најавува дека за корисниците во Европската Економска Област, отворањето на линковите ќе се прави само преку главниот прелистувач кој го има избрано корисникот.
Тоа значи дека дури и за линковите од Search или Widgets делот, во Европа нема да важи „наметнувањето“ на Microsoft Edge.
Не стои објаснување за оваа одлука, но јасно е дека се работи за изнудена одлука поради новите закони во ЕУ, поради кои од компанијата го тргнаа Microsoft Teams од Microsoft/Office 365 пакетите.
За овие нови закони од ЕУ, има доста критики поврзани со слободата на говор, иако за некои работи делуваат дека се логични.