Microsoft планира да ја донесе вештачката интелигенција и кај нивниот нешто постар оперативен систем, Windows 10. Тоа би го направиле преку донесување на Copilot функцијата која за корисниците на Windows 11 стана официјално достапна од септември наваму, зависно од кој која надградба ја има инсталирано.
Оваа информација ексклузивно ја објавуваат од Windows Central, кои тврдат дека ја имаат добиено од нивни извори во компанијата. Со оглед на тоа дека се работи за познат и сериозен портал, кои повеќе пати имаат погодено вакви информации, можеме да сметаме дека оваа информација е точна.
Имплементацијата на Copilot во Windows 10 се очекува дека ќе биде иста како во Windows 11. На долната лента ќе биде додадено копче преку кое ќе се вклучува овој понов и поспособен „асистент“, по што ќе се вклучи како лента на десниот дел од екранот.
Корисниците преку Copilot ќе можат да ги користат сите функции од новиот Bing, како што е поставување прашања, сумирање на текст, креирање на текст, како и контрола на одредени функции на самиот компјутер.
Се верува дека како главна причина за оваа одлука на Microsoft е се’ уште огромниот број на корисници на Windows 10, кои се повеќе од Windows 11. Постариот систем има околу 1 милијарда активни корисници, додека Windows 11 е стигнат до околу 400 милиони.
Од Windows Central очекуваат дека Windows 10 поради ова ќе добие дополнителни нови функции, што е менување на претходно најавената политика да системот веќе не добива новини.
Оваа промена може да е резултат и на заминувањето на Панос Панај од компанијата, кој долги години беше лицето на Surface линијата, а нешто подоцна и на Windows.