По одложувањето на надградбата поради појава на „баг“ кој може да предизвика почесто појавување на познатиот „син екран на смртта“, Microsoft официјално го најави пуштањето и името на најновата надградба за Windows 10.

Како што веќе знаевме, наместо Spring Creators Update, оваа најнова верзија ќе биде наречена April 2018 Update, а можеби и овој начин на именување од Microsoft треба да го задржат и за наредните надградби.

Како и да е, конечно, Windows 10 April 2018 Update станува официјално достапна за сите корисници, на последниот ден од овој месец, односно во понеделник на 30-ти април. Сите заинтересирани ќе може да ја симнат најновата верзија од страната на Microsoft, а останатите ќе може да почекаат додека да дојдат на ред преку Windows Update.

Главните новини кои се дел од оваа верзија на Windows 10 вклучуваат поширока употреба на Fluent Design корисничкиот интерфејс, замена на Task View со Timeline функција која ги покажува отворените прозори до 30 дена, подобрена do not disturb функција со ново име „Focus Assist“, како и подобрувања во Microsoft Edge кои доста го подобруваат сурфањето со овој прелистувач и подобрувања во работата и можностите на Cortana.

Доколку не ви се чека, секогаш можете да ја инсталирате најновата верзија од Windows 10 преку приклучување на Insider Preview програмата, меѓутоа ако тоа досега го немате направено, веќе и нема потреба.

Од понеделник проверувајте на Windows Update делот од Settings, па инсталирајте ја најновата верзија, која можеме слободно да ви кажеме дека иако не е преголема промена, сепак вреди да се инсталира.

Претходна статијаiTunes стана достапна преку Windows Store во Windows 10
Следна статијаПет оригинални луѓе кои вреди да ги следите на интернет
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.