Почнувајќи од идната година, Google веќе нема да дозволува неограничен бекап на податоци од WhatsApp. Податоците од оваа апликација ќе почнат да се бројат кон просторот кој корисниците го имаат на Google Drive, каде и се прави бекапот од Android.
Ова е во рамките на тоа како се прави на другите платформи, па Google само се приклучува на практиките, а тоа секако има и логика.
Бекапот на податоци веќе не е толку мал како што беше едно време. Корисниците, покрај разговорите, веќе имаат и голем број на слики и други датотеки, со што бекапот може да биде неколку гигабајти, па и доста повеќе.
Оваа промена ќе им направи разлика на корисниците кои се доста активни на WhatsApp, а ја користат бесплатната верзија од Google Drive. Истата има доста повеќе простор од останатите, 15GB, но во овој простор се бројат и податоците од Gmail, Google Photos, па не е баш тешко да се потроши.
Корисниците кои се блиску до лимитот, ќе треба да избришат одредени податоци или да се претплатат на Google One, каде за 1,99 долари добиваат 100GB, а има и поскапи пакети.
Оваа промена ќе започне да се применува кај корисниците на бета верзија од WhatsApp од идниот месец, по што може постепено да се очекува пуштање за сите корисници од почетокот на идната година.