9Џон Вик 3

Не може да не го сакаш Џон Вик. Кијану Ривс е феноменален во оваа улога која му ја воскресна кариерата. Иако првиот дел е дефинитивно најдобар, третиот не разочарува со одличните и возбудливи сцени со борби. Една од последните борби со опасните близнаци е една од подобрите акциони сцени што ги гледав годинава.

8Bird Box

Брд Бокс беше еден од оние филмови што ги одложував долго време. Секако дека испадна дека тоа бил погрешен потег. Одличен филм, многу језив со екстремно добра глума од Сандра Булок. Крајот ме разочара од причина што не добив некој конкретен одговор, но самото тоа што толку многу го посакував тој одговор докажува дека режисерот завршил добра работа.

7Free Solo

Документарец за Алекс Хонолд, човек кој се качува по планини без помош од јажиња и друга опрема. Се сеќавам дека се препотував додека го гледав како се искачува на екстремно вертикални врвови.

6Ad Astra

Може да се гледа на Ад Астра како Интерстелар од Али Експрес. Но, Ад Астра е одличен филм за авантурите на еден астронаут кој е во потрага по својот татко. Саундтракот е толку многу добар, што го оправдува симнувањето на торентот за филмот. Бред Пит ја има една од најдобрите негови улоги во последните неколку години.

5Avengers: Endgame

Можеби Скорсезе е во право кога вели дека филмовите со суперхерои не се „филмска уметност“. Но, тоа не одзема ниту малку од забавата која ја нудат овие филмови. И не само тоа. Авенџерс: Завршница е искуство на кое се воодушевувате, од кое се смеете, и дури плачете на моменти. Актерската екипа е „кој од кој“. Авенџерс ќе се памети со децении се додека некој не се одлучи да направи римејк.

4The Lobster

Филм во кој луѓето што се сингл имаат рок од 45 дена да си најдат партнер, или ги претвораат во животно. Доволна причина за да се гледа.

3Glass

Трет дел од трилогијата на М. Најт Шајмалан (првите два се Анбрејкбл и Сплит). Генијалното околу трилогијата беше тоа што не се ни знаеше дека е трилогија. Режисерот откри дека Глас е третиот дел непосредно пред премиерата. Ова е филм што му ја поврати репутацијата на Шајмалан, кој имаше повеќе тешки промашувања во последните неколку години (освен Сплит).

2Џокер

Џокер за кратко време стана културолошки феномен. Стана ноторен по тоа што наводно промовира насилство, иако воопшто не го прави тоа. За пар месеци стигна до една милијарда заработка со буџет од „само“ 50 милиони долари. Феникс ќе добие Оскар за најдобра главна улога освен ако не се случи некакво чудо.

1Паразит

Тесна беше битката помеѓу овој и Џокер. Победи Паразит поради генијално изведената приказна и феноменалното сценарио, и поради фамилијата во центар на оваа приказна која глуми како единствен организам. Склопот на комедија, драма и хорор се уникатни за режисерот, и овие работи го издвојуваат Паразит како филм што е глава и раменици над сето останато што се понуди годинава.

Напомена

Е сега, има доста филмови што не ги гледав годинава, што можеби ќе влезеа во листава. Еве неколку од нив што може да ги проверите.

  • Once Upon a Time in Hollywood
  • Pain and Glory
  • Marriage Story
  • The Irishman
  • Us
  • Star Wars: The Rise of Skywalker
  • Motherless Brooklyn
Претходна статијаИстражување на The New York Times покажува до кој степен е дојдено следењето на локацијата на мобилните уреди
Следна статијаМандалоријан со најдоброто финале на серија годинава