Најавата од страна на The Browser Company при крајот на декември дека ќе работи на нов прелистувач, не беше добро прифатена од корисниците на нивниот прв прелистувач, Arc Browser.
Оваа најава се сфати како крај на развојот на Arc Browser, иако од компанијата конкретно нагласија дека тоа не е така, но остана отворено прашањето колку нови функции може да се очекуваат кај овој прелистувач.
Arc Browser е во главно наменет за „посериозните“ корисници, на кои им овозможува доста подобра организација на големиот број на „табови“ кои ги отвораат. Истите се наредени на лента на левата страна која овозможува креирање на различни „простори“ во кои се поставуваат табовите за различна намена. Прелистувачот има уште неколку интересни и корисни функции, па не е чудо што тој доби, можеби не огромна, но доста голема бројка на „фанови“.
Од The Browser Company го открија нивниот нареден прелистувач, а истиот е наречен Dia и може да се очекува идната година. Како што се очекуваше, Dia ќе биде интернет прелистувач со доста голема интеграција на вештачката интелигенција, а од компанијата веруваат дека тоа ќе биде иднината.
Во видеото кое беше објавено како видео за привлекување на нови вработени кои ќе работат на развојот на Dia, основачот и директор на компанијата, Џош Милер, ја открива основна идеја на која ќе се развива прелистувачот.
Се’ уште не е достапен корисничкиот интерфејс на Dia, но затоа можевме да видиме дека овој прелистувач исто како Arc ќе има некои уникатни и корисни новини.
Посебно се истакнува унапредувањето на курзорот кој ќе може да се притисне и преку него да се побара помош од вештачката интелигенција да ја доврши започнатата реченица.
Очекувано кога ќе се земе како пример мобилната верзија од Arc, Dia ќе има можност целосно да „сурфа“ во име на корисникот, односно ќе може да отвори страна, да се најави на истата и да ги најде и додаде сите производи во кошничката, на пример.
Од компанијата дефинитивно размислуваат поразлично од останатите, па ќе видиме каков ќе им биде успехот со новиот прелистувач идната година. Милер верува дека вештачката интелигенција не треба да биде само уште едно копче на апликациите, па начинот на интеграција во Dia го покажува тоа негово размислување.