Shutterstock.com

Следиме тивка војна помеѓу Кина и САД со цел кој прв ќе ја „достигне Месечината“ односно ќе ја постави 5Г инфраструктурата низ Планетата Земја. Работите се развиваат интензивно – особено со притисокот од Трамп и неговиот начин на преговори, следиме неверојатен трилер. Stakes are high! 

Во претходни текстови внимателно го следевме развојот на оваа „студена војна“ на 21-от век. Накусо, да се потсетиме: Кој ќе ја контролира 5Г мрежата ќе има стратешка предност при било каков посериозен конфликт (на страна финансиски капитал, нови работни места, итн.), па и во мирнотропски услови. Ако ја контролираш всушност инфраструктурата преку која поминуваат сите податоци и комуникации си во поповолна позиција да се штитиш од сајбер-шпионажа, сајбер-криминал, итд., но и истото и тајно да го правиш ти.

Интересите на Кина исто се големи. Знае дека лидерството во технологијата ќе и овозможи пробивање на глобалната сцена и сериозно ќе и овозможи да се натпреварува со САД за геостратешко влијание. САД свесни за геостратешкото значење на 5Г технологијата – и предноста која Хуавеј наводно ја има во трката – пред неколку месеци издаде забрана на американските фирми да соработуваат со Хуавеј (и лобираат во Европа и кај западните партнери да го следат истиот бан).

Сепак, во неверојатна вест објавена пред 2 дена директно од основачот и генералниот извршен директор на Хуавеј, Рен Женгфеи, дознаваме дека е „спремен да ја продаде 5Г технологијата на партнер од Западот“. Каков пресврт!

Според него, Хуавеј е спремен да продаде нелимитирано право на пристап до целата 5Г технологија на Хуавеј (патенци, лиценци, кодот, итд.). Партнерот би имал и право да го модификува source кодот со што ефективно се оневозможува Хуавеј и Кина да имаат контрола врз 5г инфраструктурата. Секако, за возврат, Хуавеј би бил тргнат од црната листа на САД.

Звучи како одлична идеја каде соработката и економското партнерство помеѓу корпорации-гиганти од САД и Кина би значело основа за добри односи помеѓу двете земји – кои се главна закана за глобалниот мир всушност во иднина. И да не е договорот толку амбициозен, сепак би значел отворена врата за по-слободна конкуренција помеѓу главните играчи во 5Г технологијата.

Возбудливо. Приказната допрва ќе се развива.

Претходна статијаVision Mercedes Simplex е концепт на електричен автомобил направен со дизајнот на првиот модерен автомобил од 1901
Следна статијаНа Викенд Медиа Фестивал дознајте сè за феноменот “култура на патики“
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.