Apple оваа недела направи нешто поразлично претставување на нови производи. Немањето настан во живо кој се одржува во некоја од познатите простории на компанијата е веќе стандардна работа од 2020 навака, но оваа недела Apple направи нешто додатно. 

Mac компјутерите беа претставени во, како што ја нарекоа од компанијата, недела на нови Mac компјутери. Претставувањето траеше три дена, односно во понеделник, вторник и средата беа претставени новите компјутери, наместо сите одеднаш во еден ден. 

Неделата започна со новата верзија од iMac компјутерот. Како што се очекуваше, надграден е само 24 инчниот iMac, а Apple изгледа не планира да го пушти 27 инчниот iMac со нивните М чипови. 

Фото: Apple

Една од главните новини кај iMac, а која важеше за сите нови уреди, е почетната меморија која сега започнува од 16GB, а не од 8GB како што беше случајот досега. Корисниците на Apple веќе не мора да имаат само 8GB обединета меморија за доста скапите уреди од компанијата. 

Втората новина беше додавањето на M4 чипот, со што iMac доби освежување на перформансите, а посебно кога е во прашање вештачката интелигенција. iMac исто така доби можност да се купи со нано-текстура на екранот за помал отсјај од светлината во околината. 

Можеби најголемото претставување за оваа недела беше во вторникот, со претставувањето на новиот Mac mini. Овој компјутер сега навистина го заслужува името мини, а е повеќе од дупло помал од претходните генерации. Висината е нешто зголемена, па сега Mac mini доста потсетува на Mac Studio. Во тој правец одат и новите приклучоци кои се поставени на предната страна, односно два USB-C и еден аудио приклучок. 

Mac mini исто така сега може да се купи со најмалку 16GB обединета меморија, а доаѓа со M4 и M4 Pro чиповите.

На крајот, односно во средата, на ред дојдоа MacBook Pro лаптоп компјутерите, па како што се очекуваше, тие дојдоа со истиот дизајн, но со можност за избор помеѓу M4, M4 Pro и М4 Max чиповите. Основниот 14 инчен модел доаѓа само со M4 чипот. 

Сите овие уреди сега се продаваат со најмалку 16GB обединета меморија, а изненадување беше пренесувањето на оваа новина кај MacBook Air моделите, односно тие со M3 и M2, задржувајќи ја почетната цена која досега беше за 8GB. 

На линковите во статијата се достапни посебните објави за сите претставени компјутери, а на нив ги има и видеата од претставувањата. 

Претходна статијаИновативната платформа за испорака на храна и малопродажба Wolt наскоро ќе биде присутна во Македонија
Следна статијаApple ја купи компанијата зад едни од најпознатите апликации за измена на слики, Pixelmator
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.