star-wars-force-awakens

Морам да признаам, пред да го гледам најновото и со нетрпение очекуваното продолжение на Star Wars (кое ги руши сите рекорди на кино-благајните), не бев т.н. „die-hard“ фан на серијалот. Да, бев занесен од филмот кога го гледав прв пат (на 10-11 годишна возраст), но изгледа не толку за да се претворам во страстен обожавател какви што има милиони низ цел свет.

Сепак, бев свесен за значењето на оригиналната трилогија (Интересен податок: никој не верувал дека Star Wars ќе постигне каков било успех, дури и Џорџ Лукас, кој отишол на одмор во Хаваи кога била премиерата на првиот филм) и фактот што не е направен (добар) Star Wars филм од 1983 година. Затоа, се решив да се потсетам на старите филмови (само тие, уште се обидувам да го избришам од меморијата Џар-Џар) и во еден викенд ги изгледав сите три дела.

Гледајќи ги, се потсетив колку е лесно да се задлабочиш во приказната и повторно се шокирав од тоа колку филмовите биле визуелно напредни за своето време (изгледаат подобро и од многу филмови што излегуваат во денешницата). Оттаму, не чуди манијата за Star Wars која владеела на крајот од 70-тите и почетокот на 80-тите години од минатиот век.

kino-redica-1
Редици луѓе на премиерата на „Империјата го возвраќа ударот“

Покрај тоа што се потсетив на фактот што е визуелно ремек-дело, конечно станав свесен за тоа зошто Star Wars е обожуван од речиси фанатична легија на обожаватели. Чувството на авантура, борбата против злото, лојалноста, сето ова е олицетворено во приказната, но и во главните ликови, со кои е многу лесно да се поврзеш, а многу тешко да ги заборавиш.

Така, се упатив кон кино салата со возобновено чувство на афекција и доза на носталгија кон се што претставува Star Wars универзумот.

А откако го изгледав TFA, едвај чекам да го гледам наредниот дел!

Како што веќе сигурно знаете, дејствието во TFA е сместено околу 30 години после победата на бунтовниците против Империјата и Darth Vader, во Return of the Jedi.

Империјата е ребрендирана во „Новиот поредок“ (First Order) и е исто толку злокобна како и претходната своја верзија. После толку години, Лук Скајвокер, Силата, Џедаите и сите авантури низ кои што поминаа ликовите во оригиналната трилогија се претворени во мит кој се прераскажува.

Бев љубопитен во која насока ќе се движи дејствието во TFA, но и како ЏЏ Абрамс ќе ги спои новите, со старите омилени ликови, знаејќи дека повеќето се дел од ансамблот. Уште од првите сцени се покажа дека ќе се движи во интересна насока. Среде мисија, еден од Стормтруперите (оние смотанине што не можат да погодат човек на метро од нив) одбива да убива и пребегнува од Поредокот.

Тоа што следи е фантастично интересна авантура која остава без здив. Сценариото е одлично, кинематографијата е беспрекорна, акциските сцени возбудливи. Филмот е полн со драматични моменти и неколку пресврти кои не може да ги предвидиш, а добро препознатливата епска музика повторно е дело на човекот-легенда Џон Вилијамс. Исто вреди да се напомене дека TFA изобилува со добар хумор. На неколку наврати целата публика во салата гласно се смееше, што реално не се очекува од ваков филм.

TFA делумно е осмислен и за да не запознае со новите ликови со кои ќе „живееме“ во наредните делови. Фин (John Boyega) и Реј (Daisy Ridley) се блескави и имаат одлична хемија заедно. Со задоволство би ги гледал и во иднина, тие несомнено се иднината на серијалот. Тука е и Oscaar Isaac, кој е харизматичен и фантастичен во улогата на пилотот на бунтовниците По (имаат одлични сцени со Фин на почетокот).

kylo-ren

Adam Driver е апсолутно извонреден во улогата на главниот негативец и според мене најинтересниот лик – Kylo Ren. За разлика од Дарт Вејдер кој претежно делуваше „роботски“, Kylo Ren – кој очигледно се инспирира од својот претходник – делува повеќе како „човек“, чија трансформација ја сведочиме пред екраните. А да, и позадинската приказна му е многу јака (не можам да кажам повеќе без спојлерисување).

Да не ги заборавиме и повратниците Хан Соло, Леа, Чубака и симпатичните роботчиња C-3PO и R2-D2, а го имаме и BB-8, новото роботче кое е совршен наследник на R2.

Филмот не е совршен и има свои маани (спојлер: сите филмови имаат). Некои ликови визуелно ме потсеќаа на тие од поновата трилогија – што не е комплимент во никој случај. Некои сцени беа „convenient“ смислени за да одговараат на заплетот. Верувам и дека дел од критиките кон филмот ќе бидат насочени кон „научните“ пропусти. Сепак, овие пропусти во никој случај не го намалуваат квалитетот на TFA. Фактот што очекувањата за него беа огромни значи дека и овие грешки (колку и да се мали) ќе бидат набилдани до максимум.

На крај, „Силата се буди“ е не само одлично продолжение на серијалот, туку е и одличен филм сам по себе (еден од најдобрите што ги гледав во 2015 година) и прв добар Star Wars филм по 1983 година. Со нетрпение го очекувам наредниот. А чекањето нема да трае долго.

Претходна статијаОдобрено барањето за екстрадиција на Ким Дотком
Следна статијаMicrosoft го купи Talko стартапот, тимот ќе работи на подобрување на Skype