Sony официјално ја претстави надградената верзија од нивната успешна и популарна конзола PlayStation 5. Новата верзија го носи името PlayStation 5 Pro, со што станува јасно дека не се работи за целосно нова генерација, но подобрувањата се доста големи, па Pro додавката во името е заслужена.
Три аспекти од надградбата се истакнуваат како подобрени или нови, а треба да донесат доста подобро искуство за корисниците, па дури може да се каже дека оваа верзија вреди да биде купена и од страна на сопствениците на PlayStation 5.
PS5 Pro донесува надграден графички процесор кој ќе има 67% повеќе пресметковни единици (compute units) во споредба со моменталната верзија, заедно со 28% побрза меморија. Ова на корисниците треба да им донесе 45% побрзо „рендерирање“ на игрите, нешто што е доста големо подобрување.
„Ray Tracing“ технологијата исто така добива подобрување, а од Sony најавуваат дупло, а во одредени ситуации тројно побрзо пуштање на зраците. Понаредната технологија донесува поголема динамичност во рефлексијата и прекршувањето на светлината.
Третото подобрување донесува вештачка интелигенција кај зголемувањето на резолуцијата (upscaling) функцијата со технологијата PlayStation Spectral Super Resolution од Sony. Се работи за технологија слична со DLSS од Nvidia, како и FSR од AMD.
PlayStation 5 Pro ќе има компатибилност и со постарите игри од PS4 и PS5, а тоа ќе биде овозможено преку „Game Boost“ функцијата. Повеќе од 8500 постари игри ќе дојдат со подобрени перформанси кај новата конзола.
Игрите ќе мора да бидат прилагодени од страна на програмерите за да можат да ги искористат новините од PS5 Pro, а уште од почетокот ќе има цела листа на игри кои ќе бидат означени со „PS5 Pro Enhanced“.
PlayStation 5 Pro треба да почне да се продава од 7 ноември, но засега немам информација кога би била достапна во Македонија, односно дали веднаш или ќе мора да се почека некој период.
Во САД цената на PS5 Pro ќе биде 700 долари, а исто така ќе почекаме да видиме за колку ќе се продава во нашата земја.