Денес, телекомуникациската индустрија напредува со многу брзо темпо. Како што чекориме во доменот на новата технолошка ера, неизбежно е да се поздравиме со застарените технологии. 3G, којашто ја донесе интернет ерата, иако некогаш револуционерна, одамна е надмината и многу светски и европски оператори ја напуштаат. Овој чекор придонесува за дополнителен развој на 4G и 5G, коишто носат многу поголеми брзини, погoлема ефикасност и подобро корисничко искуство.

Кај нас, првиот оператор кој ќе ја гаси 3G е Македонски Телеком, како што најавија, до крајот на март годинава. Подготовките за овој процес се правеа во текот на минатата година, а гасењето ќе се одвива постепено, по региони, за да нема прекини во услугите.

Деактивирањето на 3G не е само напуштање на стара технологија, со него се отвораат фреквенции, ресурси и инвестиции коишто сега ќе се насочат кон оптимизирање и ширење на новите технологии. Напредните мрежи донесоа досега невидени брзини во преносот на податоци и користење на технолошки напредни апликации како што се виртуелна и проширена реалност, паметни решенија за домовите и градовите и многу други коишто се неопходни за дигиталната трансформација на општествата.  

Доаѓањето на новите мрежни технологии се усогласува со доаѓањето на уредите од следната генерација, внимателно калибрирани за да обезбедат најдобро корисничко искуство и да ги искористат придобивките од оваа најсовремена технологија. Но, ова не значи дека старите уреди ќе бидат целосно нефукнционални. Оние корисници коишто немаат уреди со пристап до 4G и 5G ќе можат да ги користат старите за говорни услуги и СМС, со 2G технологијата, којашто засега останува во функција. Секако за користење на квалитетен мобилен интернет потребно е да се заменат старите уреди, а треба да се заменат и старите SIM картички постари од 15 години.

Транзицијата кон овие напредни технологии не само што означува побрза и поефикасна дигитална ера, туку позитивно влијае и на намалувањето на емисиите на јаглероден диоксид. 4G е за 5 пати, а 5G за дури 15 пати енергетски поефикасна од 3G во однос на количината на пренос на податоци, со што значително ќе се намалат штетните емисии во наредните години.

Оваа промена ќе донесе нови потенцијални функционалности од најновите мрежни стандарди, а особено ќе го отвори потенцијалот на 5G технологијата којашто се појавува како водечка сила на глобално ниво.

Претходна статијаGoogle започна со тестирање на поддршка на Chrome за ARM верзиите од Windows
Следна статијаMicrosoft го менува дизајнот на прозорот при инсталација на Windows 11