Samsung официјално го започна пуштањето на најновата верзија од нивниот One UI направен на основа на Android 11, One UI 3.0. Ова е досега можеби најбрзото пуштање на надградба на најновата достапна верзија од Android, која Google стандардно ја пушта во есен, а Android 11 својата финална верзија ја доби на почетокот од септември.

Први кои ќе почнат да ја добиваат надградбата се телефоните од Galaxy S20 серијата во Кореа, САД, како и повеќето европски пазари, како што истакнуваат од Samsung, но ќе видиме дали тоа ја вклучува и нашата земја.

Во неделите што следат надградбата на One UI 3.0, односно Android 11, може да ја очекуваат корисниците на Galaxy Note20, Z Fold2, Z Flip, Note10, Fold и S10. Во првата половина од идната година, надградбата ќе стигне и до корисниците на Galaxy A серијата.

Повеќето новини кои доаѓаат со One UI 3.0 се веќе познати поради тоа што бета верзијата им беше достапна на ограничен број на корисници неколку месеци. Сепак, еве ги некои од најважните новини кои според нас ќе направат доволно големо подобрување на корисничкото искуство.

Изгледот на елементите низ корисничкиот интерфејс генерално ќе добијат освежување, иако тие не се драстично различни. Промените ќе бидат некаде помали, а некаде нешто позабележливи, а исто така од компанијата истакнуваат дека корисниците треба да очекуваат и доста „помазно“ функционирање.

Разлика може да се забележи во изгледот на „виџетите“ од Samsung, кај кои менувањето на проѕирноста ќе биде дополнително унапредена и ќе може полесно да се прилагодат за подобро гледање на информациите, зависно од позадината.

Новина која е дел од Android 11 е поставувањето на известувањата од апликациите за разговори во преден план, односно на првото место, а промена има и во поставеноста и дизајнот на контролите за музика и слична содржина. Позадината на лентата за известувања добива поголема проѕирност и заматеност, со што ќе изглед помодерно и освежено.

Од Samsung најавуваат подобрување и кај камерата, а конкретно во делот на вештачката интелигенција и зумирањето, како и авто фокусот. Апликацијата за разгледување на сликите исто така добива подобрувања, а корисниците сега ќе можат да видат и слични слики кога ги разгледуваат сликите.

Видеото во продолжение е одлично направено за да се видат најважните новини кои ги донесува One UI 3.0.

ИЗВОРSamsung
Претходна статијаФИТР: Македонскиот стартап екосистем е нашиот стратешки приоритет
Следна статијаМакпетрол совети за возачите: Што сѐ влијае на потрошувачката на гориво
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.