Како што беше неофицијално најавено, Samsung денеска претстави два нови телефони од нивната средна класа, класа која донесува одлични уреди за цена која е доста пониска од најдобрите на пазарот.

Galaxy A54 5G и Galaxy A34 5G се двата нови уреди од кои можевме да видиме слики, како и видео од нивното отпакување пред неколку денови. Сега се официјално достапни, па можеме да ги потврдиме карактеристиките.

Како и ланските модели, овие телефони се одлично прилагодени на класата во која припаѓаат, па тоа може да се види и од големината на екраните кои кај пониската класа секогаш се поголеми.

Galaxy A54 доаѓа со 6,4 инчен екран, додека A34 со 6,6 инчен екран. Кај двата телефони се користи Super AMOLED технологијата, што значи дека може да се очекува одличен квалитет без разлика на пониската класа. На тоа треба да се додаде подобрувањето на осветлувањето кое Samsung посебно го истакнува за оваа година, а тука е и стапката на освежување од 120 херци.

Vision Booster е името на функцијата која овозможува подобро прилагодување на условите при користење на телефонот, односно прилагодувањето на светлината, а Samsung истакнува дека способноста на екранот да овозможи добра прегледност во секакви услови е посебно надградена.

Двата телефони работат на осум јадрен процесор, само тоа е истакнато од страна на Samsung. Сепак се верува дека се работи за Exynos 1380 кај A54, односно Dimensity 1080 кај A34 моделот.

Двата телефони ќе имаат избор од 6 и 8GB RAM, како и 128 и 256GB простор за податоци. Можно е како и обично, изборот да е нешто помал во нашите продавници.

Камерите кај телефоните, нешто што обично е доста добро како карактеристика кај овие класи и посебно се истакнува, оваа година доаѓаат со надградена можност за сликање во темни услови, а тука е и стабилизацијата на сликата при снимање видео. Samsung за првпат донесува и неколку нови функции кај Gallery апликацијата во оваа класа, па корисниците ќе можат да ги користат функциите за отстранување на сенки и отсјај од сликите.

Galaxy A54 има четири камери од кои главната е со 50 мегапиксели, f/1.8, автоматско фокусирање и стабилизација на сликата. Ултра широката камера доаѓа со 12 мегапиксели, а тука се и камерата за сликање од блиску со 5 мегапиксели и предната камера со 32 мегапиксели.

Во случајот на A34, главната камера има 48 мегапиксели со f/1.8, автоматско фокусирање и стабилизација на сликата. Ултра широката камера има 8 мегапиксели, додека таа за сликање од блиску 5 мегапиксели. Селфи камерата доаѓа со 13 мегапиксели.

Двата телефони доаѓаат со батерија со капацитет од 5000 mAh, а со новите чипови и верзија од оперативниот систем, може да се очекува одлично нејзино траење.

Изборот на бои е нешто што посебно се очекуваше од овие телефони, па тие доаѓаат со избор од Awesome Lime, Awesome Graphite, Awesome Violet и Awesome White, кај A54 моделот, како и Awesome Lime, Awesome Graphite, Awesome Violet и Awesome Silver кај A34.

Тоа што исто така се забележува е сличноста со Galaxy S23 серијата, па задните камери се поставени секоја посебно, односно нема веќе заеднички модул. На предната страна двата телефони се разликуваат по поставеноста на камерата, односно кај A54 истата е поставена во мала „дупка“, додека кај A34 истата е споена со горната рамка.

ИЗВОРSamsung
Претходна статијаOpenAI ја претстави GPT-4 алатката на чија основа работи ChatGPT
Следна статијаSkyShowtime го потврди датумот за премиера на серијата „Grease: Rise of the Pink Ladies“
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.