Не знам од која причина, почетоците на „флип“ телефоните од пред неколку години беа повеќе насочени кон женската популација или барем тоа така беше пренесено од повеќе портали и „јутјубери“.
Како и да е, Galaxy Z Flip серијата во својата шеста генерација дефинитивно не може да се каже дека има до толку ограничена „публика“, па телефонот дефинитивно прерасна во навистина корисна алтернатива за тие кои се подготвени да пробаат нешто различно.
Клучниот заклучок е дека можноста да се преклопи телефонот веќе не ја донесува предноста само на заштеда на простор, па со поголемиот надворешен екран од минатата година, Z Flip донесува целосно различно корисничко искуство.
Фактот дека телефонот може да се преклопи и да стане дупло помал останува како една од поголемите предности, но со можностите кои се достапни од надворешниот екран, како и кога уредот е делумно преклопен, човек навистина може да се запраша дали повеќето смартфони треба да бидат „флип“.
Со користењето на надворешниот екран и неговите можности, корисниците добиваат нешто слично на паметен часовник, а притоа ја штедат батеријата со отворање на големиот екран само кога тоа навистина е потребно. Преку надворешниот екран може да се видат сите потребни информации, а може и да се извршат одредени активности.
Големиот FlexWindow ја прави целата разлика при користењето на Galaxy Z Flip6
Samsung со претходната верзија го претстави поголемиот и многу покорисен надворешен екран кај Z Flip, па оваа година нема некоја голема разлика на тој план.
Сепак, FlexWindow, како што е наречен надворешниот екран, останува еден од главните фактори зошто Galaxy Z Flip серијата им нуди на корисниците повеќе од класичните смартфони.
FlexWindow е тука да прикаже повеќе видови на информации, вклучувајќи ги и известувањата без потреба од отворање на главниот екран. Тоа го прави преку можноста да се изберат „виџети“, па може да се каже дека овој екран доста често е поинтересен и подобар за користење.
Посебна вредност на екранот му дава можноста корисникот да го направи навистина свој, односно во сопствен стил со што телефонот станува уникатен и израз на карактерот на корисникот.
Мене лично ми се погоди можноста за поставување на позадина генерирана од страна на вештачката интелигенција. Може да се избере од повеќе видови на насоки, по што ВИ ќе направи интересна слика која му дава на телефонот посебен стил.
Секако, кога некоја активност бара повеќе од овој помал екран, со кратко отворање на телефонот може да се продолжи со посериозна работа веднаш.
„Флип“ стилот на телефони треба да стане помасовен и да се користи кај повеќето модели
На почетокот од повторното „појавување“ на „флип“ телефоните сметав дека воопшто нема потреба од намалување на големината на телефонот. Доволно навикнавме да носиме големи уреди во џебовите и не гледав никаков проблем во тоа.
После шест генерации и тестирање на сите, сега сметам дека основната карактеристика на Galaxy Z Flip6, дупло да ја намали големината, е доста важна и корисна. Овој заклучок можеби доаѓа дури сега поради фактот што надворешниот екран вреди да се користи, па целиот телефон има многу поголема вредност.
Но, оваа главна карактеристика не е оставена само на тоа, односно корисниците добиваат и дополнителни можности поради фактот што нивниот телефон може да се преклопи.
Веќе позната и карактеристична можност кај Galaxy Z Flip, но мора повторно да се истакне. Телефонот може да се затвори до половина со што се добиваат неколку можности, односно можност за видео повик без потреба од држење на телефонот, можност за сликање без потреба од држач, а тука е и можноста за гледање на видео содржина со телефонот поставен на маса.
Иако делува дека оваа можност е повеќе маркетиншка и дека не би била често корисна, забележав дека кога се навикнав на неколку активности, можноста да Galaxy Z Flip6 го превиткам до некаде е нешто што не го правам баш ретко.
Перформанси, карактеристики и батерија
Причината што кажувам дека Galaxy Z Flip6 може да се користи од страна на сите корисници е поради фактот што телефонот целосно може да го замени главниот телефон и на тие кои ги користат телефоните од највисока класа.
Snapdragon 8 Gen 3 е чипот кој се користи, па корисниците во овој момент не можат да најдат уред со подобри карактеристики, односно Z Flip6 е во категоријата на најдобрата Galaxy S серија.
Тоа се забележува при користење на телефонот, а најновата верзија од One UI овозможува и дополнително подобрување на корисничкото искуство со новите анимации и мазно функционирање.
Добриот чип доаѓа до израз и при сликањето, а познато е колку голем дел од квалитетот на сликата зависи и од процесирачката моќ и софтверот, колку што зависи од сензорот на камерите.
Galaxy Z Flip6 доаѓа со 6,7 инчен динамичен AMOLED екран со резолуција од 1080 на 2640 пиксели и стапка на освежување од 120 херци.
Се работи за доста голем телефон, но во случајот на Z Flip6 тоа не се забележува поради форматот, односно телефонот е нешто повисок во споредба со класичните телефони, а секако голема разлика прави и можноста да се преклопи.
Надворешниот екран доаѓа со големина од 3,4 инчи и резолуција од 720 на 748 пиксели. Направен е со Super AMOLED технологија, а стапката на освежување му е 60 херци, но морам да истакнам дека не се забележува тоа што истата не е со 120 херци.
Батеријата кај Galaxy Z Flip6 е со капацитет од 4.000mAh, нешто што би го истакнал како мала маана, но сепак засега не може да се вгради многу поголема батерија со оглед на можноста за преклопување, а и малата дебелина на уредот.
Ова сепак не се пресликува како заклучок при користењето, односно телефонот нема проблем да го издржи денот при нормално, па и нешто почесто користење. Супер активното користење секако ќе бара дополнително полнење, но немам тестирано телефон досега за кој ова не е случајот.
Камери
Овој вид на уреди обично не се познати по своите камери, односно не ги добиваат камерите кои се вградуваат кај најдобрите на пазарот. Ова секако не значи дека корисниците не добиваат одлични камери, па Galaxy Z Flip6 сигурно не разочарува на овој план.
Ова посебно е точно што оваа година Galaxy Z Flip6 добива доста големо подобрување кај камерите, па главната камера доаѓа со сензор од 50 мегапиксели, за разлика од ланскиот модел кој имаше сензор од 12 мегапиксели.
Кратко кажано, сликањето со овој телефон не ме остави разочаран, па мислам дека повторно доаѓам до почетниот заклучок, а тоа е дека Galaxy Z Flip6 е подготвен да го замени класичниот смартфон на корисниците.
Втората камера кај телефонот останува со 12 мегапиксели, а истата со ултра широк агол на сликање. „Селфи“ камерата има сензор со 10 мегапиксели, па иако нема да победи во споредбите со одредени модели, сепак овозможува сликање на одлични слики.
Заклучок
Како што кажав на почетокот, можеби Galaxy Z Flip6 не донесува драстични промени во споредба со ланскиот модел, тој е подготвен да почнат да го користат поголем број на корисници.