Како и секогаш, неофицијалните информации се покажаа како точни, па еве сега официјално може да го најавиме настанот на којшто ќе бидат претставени новите Galaxy S10 телефони.

Samsung официјално го закажа и почна да праќа покани за настанот на којшто ќе бидат претставени уредите. Традиционално наречен Unpacked, настанот ќе се одржи на 20 февруари во Сан Франциско.

Преносот од настанот ќе може да се следи во живо преку страната на Samsung, односно и преку нивниот YouTube канал.

Од поканата не може да се види многу, освен бројката 10, што покрај тоа што асоцира на S10, ја означува и 10 годишнината од претставувањето на првиот Galaxy S уред.

Инаку, според неофицијалните информации, кои веруваме дека како и обично ќе се покажат како точни, Samsung треба да претстави три S10 уреди.

Galaxy S10, Galaxy S10+, како и првпат после неколку години, Galaxy S10 lite. Овие три модели треба да имаат досега најмали рамки околу екранот, а за тоа ќе се погрижи Infinity-O екранот којшто на горната страна има само мала дупка за камерата.

Исто така, овие уреди треба да имаат сензор за отпечатоци под екранот, како и најнапредни камери досега, најмногу на број и помогнати од вештачка интелигенција.

По “стапките” на конкуренцијата, се очекува дека и lite моделот ќе дојде со процесорот од високата класа, па така овој пат и овој модел ќе биде од највисоката класа.

Претставувањето е за месец и пол, па ќе прочитаме уште по некоја неофицијална информација до тогаш, ако воопшто остана нешто за откривање.