Со посебно нетрпение го чекавме денот кога ќе ни го пратат најновото од Huawei да можеме и самите да го видиме и пробаме тоа што веќе го пишуваме. На тест ни е пратен Huawei P40 Pro и истиот веќе одреден период го користиме активно.

Со оглед на тоа што овој телефон е првиот кој го тестираме од Huawei по забраната за вклучување на сервисите и апликациите од Google, тоа беше првата работа која ни дојде да ја провериме кога го вклучивме телефонот.

Недостатокот на Play Store ќе го заборавите по еден ден користење на телефонот

На сите ни е познато каков квалитет, перформанси, а посебно камера, имаат телефоните од Huawei, па главната работа која сакавме да ја тестираме во овој случај беше какво ќе ни биде корисничкото искуство без достапноста на Play Store и дали би можеле целосно да го препорачаме овој телефон на потенцијалните купувачи.

Уште веднаш би одговориле со да. Телефоните од Huawei се премногу добро направени и ги имаат едни од најдобрите камери на пазарот, што малата „мака“ во инсталирањето на одредени апликации, не е нешто што треба било кого да го премисли при одлуката за купување на Huawei P40 Pro, како и другите два модели од новата серија.

Првата работа која што се препорачува да ја направите по најавувањето со вашата сметка е да ја инсталирате апликацијата PhoneClone од AppGallery, официјалната продавница за апликации од Huawei.

Со PhoneClone ќе можете да ги префрлите сите потребни податоци од вашиот досегашен телефон, а најважно од се и вашите апликации. Апликацијата е достапна на сите платформи и можете да ја искористите без разлика кој е вашиот стар телефон, односно дали е Huawei, од друг производител, па дури и iOS.

AppGallery има одличен избор на апликации, а со тек на време со користење на телефонот лесно ќе се навикнете да ја користите оваа продавница наместо Play Store.

Сепак, доколку се најдете во ситуација да некоја апликација која ви треба не можете да ја најдете и инсталирате, Huawei ви нуди решение и за тоа. Апликацијата MoreApps е тука да ви овозможи да ги најдете сите потребни апликации и истите да ги симнете и инсталирате од неколку од познатите веб страни кои овозможуваат „.apk“ фајлови за апликациите.

Кратко кажано, нашиот нов Huawei P40 Pro за многу кратко време беше спремен за користење и можевме да се насочиме кон негово секојдневно тестирање.

Секој нов модел од Huawei успева да работи се подобро, па перформансите се една од главните предности за корисниците на телефоните од компанијата

Користењето на P40 Pro е вистинско задоволство. Апликациите се отвораат брзо, анимациите се мазни и нема нешто што прави да телефонот закочи или засецка.

Телефонот работи на моментално најдоброто од Huawei, Kirin 990, чип изработен во 7 нанометарска технологија со поддршка за 5G. RAM меморијата на телефонот е одлични 8GB што значи дека нема да се доведете во ситуација да немате доволно слободна меморија.

Камерите кај Huawei P40 Pro се баш како што би очекувале од еден Huawei уред

Huawei P40 Pro доаѓа со четири камери на задната страна од кои главната е со 50 мегапиксели и f/1.9, камерата за зумирање е со 12 мегапиксели, 40 мегапиксели кај камерата за ултра широк агол на сликите и сензор за длабочината на сликата кој овозможува ефекти.

На предната страна има две селфи камери со што станува јасно дека и овој дел од сликањето ќе биде со посебен квалитет и можности. 32 мегапиксели е главната камера, а и тука е поставен сензор за длабочина на сликата со што може да се очекуваат одлични ефекти и кај селфи сликите, како што е заматување на позадината, на пример.

Дизајнот, форматот и екранот на P40 Pro прават да се има едно од најдобрите кориснички искуства

Големината на Huawei P40 Pro во комбинација со малите рамки околу екранот прават да овој телефон е одличен за користење. Удобноста при користењето доаѓа до израз кога се користи овој уред.

Екранот е со резолуција од 2.640 на 1.200 пиксели, а со тоа се добива нивна густина од 441 пиксел на инч, што значи дека нема да може да ги видите пикселите на екранот.

Боите, светлината, острината на екранот заедно со стапката на освежување од 90 Hz го прават овој екран еден од подобрите на пазарот. Поради поголемата стапка на освежување од стандардната кај телефоните, анимациите, како и реакцијата на екранот при допир се многу подобри.

Иако во последно време тренд е да се има екран со стапка на освежување од 120 Hz, сепак во овој случај може да се каже дека сепак се добиваат предностите на поголема стапка, но сепак се прави баланс за заштеда на батеријата.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Дизајн
Перформанси
Камера
Екран
Претходна статијаПознатата апликација за навигација HERE WeGo официјално достапна преку AppGallery на Huawei телефоните
Следна статијаWizz Air ги претставува зголемените мерки за здравје и безбедност од 1 мај
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
recenzija-huawei-p40-proHuawei P40 Pro е одличен телефон, баш каков што и очекувате од овој производител и од оваа негова серија. Дизајнот, екранот, перформансите, а посебно камерите, го прават еден од попривлечните телефони на пазарот, а недостатокот на Play Store е нешто што не треба многу да влијае во одлуката, а посебно што AppGallery полека го зголемува бројот на одлични апликации.