Qualcomm ја претстави наредната генерација од нивниот чип за мобилните од највисоката класа, но тој не го носи името Snapdragon 8 Gen 4. Наместо тоа, чипот го носи името кое почна да се користи кај чиповите од компанијата за компјутерите, па најновиот чип од Qualcomm го носи името Snapdragon 8 Elite.
Името на новиот чип не е само маркетинг од страна на Qualcomm, па Snapdragon 8 Elite донесува доста големи подобрувања во споредба со ланскиот модел, а тоа може да се види и од користењето на Oryon процесорските јадра, наместо Cortex X.
Oryon процесорот е резултат на купувањето на компанијата Nuvia која е основана од поранешни вработени во Apple, од каде доаѓа и успешноста на овој процесор оваа година.
Во Snapdragon 8 Elite е вградена втората генерација од Oryon процесорот, па двете јадра за перформанси ќе можат да достигнат до 4,32GHz, а неофицијалните најави веќе го ставаат новиот чип пред A18 Pro од Apple.
Подобрувањата кај перформансите кои ги донесува Snapdragon 8 Elite во споредба со ланскиот модел се одлични и изнесуваат 45%, заедно со 44% подобрување на ефикасноста, односно потрошувачката на енергија.

Графичкиот процесор Adreno исто така донесува доста големи подобрувања, па перформансите кои ќе ги донесе Snapdragon 8 Elite изнесуваат 40% во споредба со ланскиот модел, заедно со 40% подобрена потрошувачка.
Qualcomm најавува генерално подобрување на потрошувачката од 27% во споредба со ланскиот модел.
Секако, кај чиповите веќе не може да не се спомене и процесорот за вештачка интелигенција, односно NPU, а тој кај Snapdragon 8 Elite донесува 45% подобрување на перформансите. Посебно се истакнува и влијанието на овој процесор кај процесирањето на сликите кое веќе стандардно се прави со помош на ВИ.
Од компанијата најавуваат дека првите телефони со Snapdragon 8 Elite ќе ги видиме веќе за неколку недели, а се истакнуваат повеќето Android компании како ASUS, Honor, iQOO, OnePlus, OPPO, RealMe, Samsung, Vivo, Xiaomi и повеќе.