Според извори на The Wall Street Journal, Qualcomm сакаат да го купат големиот Intel. Компанијата се’ уште нема дадено официјална понуда, но според информациите, тие се сериозни во намерата да ја преземат оваа некогаш главна компанија на пазарот на процесори.
Intel се’ уште држат огромен дел од пазарот, но со префрлувањето на Apple на нивните ARM чипови, а и конечното следење на овој тренд од страна на Windows страната со новите Snapdragon X од Qualcomm, може да се очекува постепен пад на користењето на чиповите од Intel.
Intel дополнително има проблем веќе со години со својот процес за производство, до некаде со перформансите, а посебно мора да се издвои „проблемот“ со ефикасноста во споредба со ARM чиповите. Тоа би требало да биде решено со новата Lunar Lake серија, односно Ultra Core 2 чиповите, но сепак може да се заклучи дека изглед иднината ќе биде кај ARM страната.
Доколку Qualcomm навистина даде понуда и истата биде прифатена од страна на Intel, сигурно може да се очекуваат проблеми од регулаторните тела. Спојувањето на овие две компании дефинитивно ќе претставува предмет за анализа за можното влијание на пазарот и конкуренцијата.
Според некои информации, од Intel се размислуваат за продажба на делот од компанијата за производство на чипови, нешто што долго време се сметаше за предност на компанијата. Повеќето конкуренти мораат да користат други компании за производството на нивните дизајни за чипови, како на пример TSMC.
Како голем „минус“ на Intel се смета и неуспехот да се договорат со Sony веќе со години за користење на нивните чипови во PlayStation, а наводно Sony ја продолжуваат соработката со AMD и за PlayStation 6 за неколку години.