Најновата објава од Марк Гурман на Bloomberg ни донесува неколку информации, секако поврзани со Apple. Гурман најавува дека првите уреди кои ќе работат на наредната генерација од чипот на Apple, M3, може да ги очекуваме во октомври.
Ова е и стандардно за Apple, да после нивниот септемвриски настан на кој ги претставуваат новите генерации од iPhone и Apple Watch, да претстават и други уреди наредниот месец.
Уредите кои ќе го донесат М3 на пазарот треба да бидат конечно нова верзија од iMac, а тука се и 13 инчните верзии од MacBook Air и MacBook Pro. MacBook Air минатиот месец доби за првпат 15 инчна верзија, која може да се каже дека добро се вклопи во понудата од компанијата.
Овие неколку уреди ќе ја користат основната верзија од М3, односно дури идната година може да се очекуваат MacBook Pro со M3 Pro и M3 Max верзиите.
За идната година Гурман најави и претставување на 32 инчен iMac, па се доби и претстава дека нема да има освежување на 24 инчните модели кои засега не се ажурирани од М1 верзијата пред две години.
За М3 чипот не се очекуваат некои посебни промени од аспект на бројот на јадра, но затоа се очекува доста големо подобрување на перформансите и ефикасноста поради префрлувањето на 3nm технологија од TSMC.