win-10-phones-preview-1

Како што беше најавено за овој месец, Microsoft ја пушти првата тест верзија од новиот Windows 10 наменета за мобилните телефони. До сега беше достапна само тест верзија за десктоп компјутерите наречена Windows 10 Technical Preview.

Исто како што е случајот со десктоп верзијата, корисниците ќе треба да се регистрираат на Windows Insider програмата за да можат да ја користат и верзијата за мобилните телефони. Доколку тоа веќе го имате направено за десктоп верзијата, можете да преминете на инсталирање на системот на вашиот телефон.

Би сакал да нагласам дека за разлика од Preview for Developers верзијата која што е прилично стабилна и без многу багови, Technical Preview е во многу порана фаза од развојот и не се препорачува да се инсталира на вашиот главен мобилен телефон. Доколку веќе ја имате пробано десктоп верзијата, сигурно знаете за што се работи.

Како и да е, на почетокот само ограничен број на уреди ќе можат да ја инсталираат тест верзијата од Windows 10, односно системот е достапен за Lumia 630, 635, 636, 638, 730 и 830. Другите телефони, меѓу кои и појаките модели, ќе бидат поддржани во текот на наредните месеци.

Инсталацијата на оперативниот систем на поддржаните уреди се прави едноставно, со инсталирање на Windows Insider апликацијата по регистрирање како Insider. Потоа, исто како со Preview for Developers, телефонот ќе провери за достапни тест верзии, по што ќе биде инсталирана достапната.

Windows 10 Technical Preview for Phones

Што се однесува до самиот оперативен систем, достапно е видео од Joe Belfiore каде што се објаснети новите работи. Она што веднаш се забележува е новата можност за поставување на позадина на целиот екран зад плочките. Може да се каже дека корисничкиот интерфејс вака изгледа многу подобро, меѓутоа тоа сепак е прашање на вкус.

Најново инсталираните апликации ќе бидат прикажани на врвот од листата до која што се пристапува со повлекување на десната страна од екранот.

win-10-phones-preview-2

Windows 10 ќе вклучува подобрен центар за нотификации кој што ќе овозможува прикажување на три реда на копчиња за вклучување и исклучување на одредени функции како што се Wi-Fi и слично. Моментално се достапни 4, односно 5 на поголемите телефони. Трите реда со копчиња ќе можат да се намалат, односно да се прикажуваат само најважните 4, па по потреба да се прикажат и другите.

Нотификациите кои што се добиваат сега стануваат интерактивни. Тоа значи дека по добивање на порака, на пример, лентата (toast) која што се прикажува на горниот дел од екранот, ќе вклучува можност за одговарање на пораката директно од неа. Одговорот ќе може да се внесе текстуално или да биде диктиран преку гласовната функција. Оваа функцијата исто така се истакнува дека е доста унапредена и додадена не повеќе места низ оперативниот систем.

win-10-phones-preview-3

Во Windows 10 Technical Preview for Phones достапни се и неколку од најавените нови универзални апликации. Па така, корисниците ќе можат да ги пробаат новите Office апликации, Photos, Music, Outlook и Calendar.

Photos апликацијата е направена да изгледа подобро, а исто така ги прикажува сликите од различните уреди преку OneDrive интеграцијата. Во оваа апликација исто така се вклучени и новите албуми кои што на горниот дел прикажуваат насловна слика карактеристична за тој албум.

Outlook апликацијата сега вклучува многу повеќе функции како што е можноста за повлекување на пораката за нејзино бришење или означување. Исто така, апликацијата доаѓа со Word интеграција што овозможува внесување на табели и слични напредни форматирања досега достапни на десктоп.

Видеото во продолжение ги прикажува најдобрите новини достапни во Windows 10, па сигурно ќе можете да добиете претстава во кој правец се движи развојот на оперативниот систем.

Извор: Microsoft

Претходна статијаLG ќе претстави сет за виртуелна реалност за паметниот телефон G3
Следна статијаApple воведе дво-факторска автентикација за iMessages и FaceTime сервисите
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.