Како што беше најавено од страна на компанијата, OnePlus 11 денеска е официјално претставен, но за почеток е достапен само во Кина. Светската „премиера“ телефонот ќе ја добие идниот месец, односно на 7 февруари.

Изгледот на телефонот веќе беше прикажан, делумно од OnePlus, а тука секако се и неофицијалните извори. Доаѓа во карактеристичен изглед за компанијата, но со доволно измени за добивање на освежен изглед. Достапни се две бои, црна и зелена, а се разликува и материјалот зависно од бојата. Зелената е изработена целосно од стакло, додека црната има посебна изработка на задната страна која е порапава на допир.

OnePlus 11 работи на најновиот чип од Qualcomm, Snapdragon 8 Gen 2, за кого очекувањата се доста големи, посебно што исто како претходната верзија е изработен од страна на TSMC. Корисниците ќе можат да изберат помеѓу три модели со комбинација од 12 и 16GB LPDDR5X RAM, како и 256 и 512GB простор за податоци.

Екранот е со големина од 6,7 инчи и е со 2К резолуција, односно 3216 на 1440 пиксели со што се добива нивна густина од 525 пиксели на инч. Технологијата во која е изработен екранот е AMOLED и LPTO 3.0. Стапката на освежување ќе се прилагодува од 1 до 120 херци, а има најави дека повеќето апликации ќе функционираат со оваа функција на екранот.

Батеријата на OnePlus 11 има капацитет од 5000 mAh, а ќе се полни со карактеристични за кинеските телефони, огромни 100 вати преку кабел. Не се споменува можноста за безжично полнење.

Камерите, кои посебно се истакнуваат се направени во соработка со Hasselblad. Главната камера има сензор со 50 мегапиксели, f/1.8, достапна е и ултра широката камера со 48 мегапиксели, како и камерата за зумирање до 2 пати оптички со 32 магапиксели. Селфи камерата е со 16 мегапиксели, а е поставена во мала дупка на левата страна од екранот.

Телефонот ќе работи на Android 13, односно на Color OS 13, кој е направен на основа на најновата Android верзија.

Цените по кои ќе се продава OnePlus 11, барем во Кина, се околу 550 евра за моделот со 12/256GB, 600 евра за 16/256GB и 670 евра за 16/512GB.

ИЗВОРGSMArena
Претходна статијаNvidia ја претстави GeForce RTX 40 серијата за лаптоп компјутерите
Следна статијаАнгелоски: Потребна е ефикасна енергетска транзиција за спас од банкрот и од загадување
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.