Иако постојат повеќе начини за слушање на музика, како и повеќе сервиси за таа намена, вклучувајќи ги и тие од Google, YouTube останува еден од најпознатите начини на кои што луѓето доаѓаат и слушаат музика во разни прилики. Сигурно многу од вас додека сте на работа или при собирање на разни настани, музика пуштате од YouTube, наместо тоа да го правите од вашата плејлиста на песни. Во денешно време можеби и се помалку луѓе се решаваат да симнуваат музика, кога истата е достапна на сервиси како YouTube, а полека почнуваат да стануваат достапни и сервиси како Play Music од Google за корисниците од нашата земја.

Кога ќе се земе сето ова во предвид, воопшто не е чудно што гласините за посебен YouTube музички сервис се покажаа како точни. Денес Google официјално ги најави новините кои што ќе станат дел од YouTube, а некои од нив се веќе достапни за корисниците од целиот свет.

Музичкиот сервис, како што беше најавено, се вика YouTube Music Key и ќе ги чини корисниците 9,99 долари месечно за негово користење. Во почетокот ќе има промоции со пониска цена за првите корисници, а исто така сервисот ќе биде достапен само во неколку земји. Моментално овој сервис е во бета и на него може да се пријават ограничен број на корисници.

Во основа овој сервис овозможува слушање и гледање на музичките видеа достапни на YouTube, како и цели албуми од одредени изведувачи без рекламите кои што се прикажуваат за другите корисници. Можеби и поважно од тоа е можноста за слушање на музиката и по намалување на YouTube апликацијата, како и додека уредот е заклучен. Исто така, музиката ќе може да се симнува за слушање и без интернет конекција. Претплатата на YouTube Music Key ќе вклучува и пристап до Google Play Music, па корисниците ќе можат само да изберат дали сакаат да ги користат двата сервиси за иста цена или само едниот.

Втората новина на YouTube поврзана со гледањето и слушањето на музика е бесплатна и достапна за сите корисници почнувајќи од денес. Се работи за нов дел од делот What to Watch, односно делот каде што обично добивате предлози што да гледате врз основа на каналите кои што ги следите, како и претходно гледаните видеа. Сега посебен дел е достапен само за музички видеа и истиот е достапен на веб и мобилните апликации.

US desktop

На овој дел добивате предлози што да слушате во форма на плејлисти врз основа на тоа што го имате слушано до сега, предлози од YouTube, што е популарно, како и тоа што го слушате доколку го користите Play Music сервисот.

Дополнително, треба да биде олеснат начинот на наоѓање на цели албуми од изведувачи чии што видеа веќе ги има на YouTube. Ќе имате можност да ги слушате сите достапни песни од албумот, како и други неофицијални достапни од други корисници.

Извор: YouTube, Engadget

Слика: Engadget

Претходна статијаPhilae успешно слета на кометата по издвојувањето од Rosetta
Следна статијаAndroid 5.0 Lollipop достапен за Nexus уредите
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.