pravo-da-se-bide-zaboraven

Да речеме дека сте сториле нешто од кое се срамите, нешто што не би сакале да се најде на некој блог и веб страница или пак било каква информација од вашето минато да биде пронајдена на интернет. Правото на заборав или „Right to be forgotten“ како што е повеќе познато, ви овозможува да спречите истите да бидат линкувани на Google или некој од другите интернет пребарувачи. Можеби манипулирањето со информации од историјата наликува на „1984“, но сепак во овој случај не се работи за научна фантастика и во моментов постои жестока дебата околу последиците кои ќе ги има ова право, при што во фокусот се спротивставените ставови на Европските земји и САД.

Имено, Европскиот суд на правдата неодамна пресуди дека европските граѓани имаат право да побараат од Google отстранување на одредени податоци поврзани со нивното минато, кои тие самите сметаат дека им наштетува на нивната репутација. Од Google се изјаснија дека ова право има потенцијал да предизвика масивна цензура, овозможувајќи им на познати личности и политички функционери да манипулираат со своето минато. Главниот адвокат на Google, Дејвид Драмонд (David Drummond) предупреди на ситуациите во кои како главен арбитар може да се најде Google и профилот на личности кои можат да побараат отстранување “Поранешни политичари кои посакуваат да бидат отстранети постови кои ја критикуваат нивната политика; насилни криминалци кои бараат отстранување на статии кои се однесуваат на нивните минати злосторства; критика кон професионалци како архитекти и наставници…”.

Google објавија дека веќе постапиле по огромен број на барања од нивните корисници и како последица на ова право, тие избришале приближно 50.000 линкови, најчесто од барања кои потекнуваат од земјите од Европа. Интересно е што речиси сите технолошки компании се спротивставуваат на оваа пресуда, а како највокален се покажува Џими Велс (Jimmy Wales), основачот на Википедија, кој вели дека Google не треба да ја „цензурира историјата“.

Воведување на закони кои припаѓаат во минатото време можат само да предизвикаат задушување на иновативноста на компании како Google, кои наместо да пронаоѓаат иновативни начини за модернизација на човековиот живот и да промовираат нови услуги за своите корисници, ќе бидат приморани да бараат спас од европските законодавци кои се поагресивно ги напаѓаат на повеќе полиња. Оваа борба ќе ги чини Google огромни ресурси, со оглед на бројот на пристигнати барања откако беше донесена горенаведената пресуда, имајќи предвид дека токму тие ќе треба да ги анализираат сите пристигнати барања и да оценат кои информации треба да бидат отстранети, сето тоа сторено на легитимен и транспарентен начин и отстранувањето да не биде спротивно на јавниот интерес.

Вреди да се нагласи дека структурата на интернетот е воспоставена на начин кој не дозволува заборавање. Оттаму, апсурдно е да се бара заборав во мрежа која е создадена за да складира што поголем број на информации. Се разбира, интернетот содржи информации кои понекогаш не покажуваат во добро светло, а понекогаш не. Но, како и во реалниот свет, учиме да се сносиме со последиците. Филтрирањето на ваквите податоци со цел да се „обели“ нечиј (или својот) образ е чекор во погрешна насока, особено кога истиот води до закана кон слободата и транспарентноста на интернетот каков што го знаеме. Останува да видиме во што ќе прерасне и како ќе се развива оваа ситуација во иднина.

За крај, препорачувам да го погледнете следното видео, каде што Џон Оливер на хумористичен начин се осврнува на нелогичностите кои произлегуваат од имплементирањето на ова право. Доколку јас не ве уверив дека треба да заборавиме на „правото на заборав“, тој дефинитивно ќе го стори тоа со успех:

Извор: The Verge

Претходна статијаFacebook со Messenger ќе се бори против PayPal
Следна статијаWindows 10 ќе доаѓа со DirectX 12, ветува најмоќна графика досега