Компанијата која стана доста брзо популарна поради нудењето на шифриран имејл сервис, Proton Mail, сега на својата листа на производи, поради која своето име го промени во само Proton, додаде и менаџер на лозинки.

Proton Pass се приклучува на Proton Mail, Calendar и VPN како сервис направен на основа на технологија за шифрирање и компанија која тврди дека во преден план ја става приватноста на своите корисници.

За почеток новиот сервис е достапен во бета верзија и не им е достапен на сите корисници. Ќе им биде овозможен на претплатниците на Lifetime и Visionary претплатата, а се најавува јавна достапност до крајот на годината.

Како што би се очекувало, Proton дава големи ветувања, односно тврдења за тоа како нивниот Proton Pass доаѓа со подобра заштита од конкурентите. Од тоа што можевме да го видиме во најавата, не е баш точно, а моментално најпознатите конкуренти ги нудат истите, па некогаш и повеќе функции.

Како и да е, Proton Pass е сервис за чување на лозинки кој е заштитен со технологија за шифрирање. Се истакнува дека не се заштитени само лозинките, па тука се вклучени и имејл адресите, корисничките имиња, веб адресите и белешките. Ова е важно, а посебно во делот кај што се внесуваат веб адресите, поради целосна заштита на приватноста без можност да се знае и кои страни ги има зачувано корисникот.

Како и другите добри вакви сервиси, шифрирањето е направено од крај-до-крај, што значи дека дури ни Proton немаат пристап до податоците кои се чуваат во „трезорот“.

Од компанијата ја истакнуваат мотивацијата за понудата на ваков сервис, желбата да корисниците имаат сервис кој сигурно ќе ги заштити нивните лозинки, до кои ако се добие пристап може да бидат пробиени и нивните други шифрирани сервиси. Посебно се дава пример со хакирањето на познатиот LastPass сервис кој одамна не го препорачуваме.

Тимот кој работи на развојот на Proton Pass е составен во голем дел од вработените во компанијата SimpleLogin, која е купена од страна на Proton и овозможува заштита на имејл комуникацијата преку креирање на „alias“ адреси.

ИЗВОРEngadget
ИЗВОР 2Proton
Претходна статијаWindows 11 ќе им овозможи на апликациите пристап до сензорот за присутност
Следна статијаSamsung Electronics освои 80 награди на iF Design Awards 2023
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.