Можеби ова не е првиот таблет компјутер од Google, но помина толку време што се чини дека е така. Pixel Tablet, кој е првиот таблет од компанијата под овој бренд, конечно е официјално претставен, а од компанијата го најавуваат уште од минатата година.

Претставувањето се случи во рамките на Google I/O конференцијата на која беше претставен и првиот уред на преклоп од Google, Pixel Fold, а презентирана беше и нова верзија од Bard, како и интеграцијата на генеративната вештачка интелигенција во Google Search.

Иако во главно го знаевме изгледот на Pixel Tablet, тоа што доаѓа како главна информација по официјалното претставување е што Google го замислува како уред кој ќе се користи како повеќе од обичен таблет компјутер.

Заедно со Pixel Tablet доаѓа и звучник кој е и станица за полнење, односно Charging Speaker Dock. Таблетот се поставува на оваа станица, па покрај тоа што се полни, се користи и како центар за забава, односно за слушање на музика и слично со многу подобар звук од само преку уредот.

Дополнително, со поставувањето на станицата корисниците добиваат можност да го користат Pixel Tablet и кога не им се слободни двете раце, а на овој начин е многу поудобно од поставувањето на масата.

Сепак, главната намена на станицата може да се каже дека е како еден контролен центар за забава, но и паметниот дом. Корисниците можат да ги контролираат сите свои уреди од паметниот дом, на уред кој можат вака удобно да го постават на која сакаат локација во домот.

Секако, на крајот, ова е таблет компјутер кој може да се користи и како таков. Карактеристиките на Pixel Tablet вклучуваат екран со големина од 11 инчен LCD екран со резолуција од 2560 на 1600 пиксели со што се добива нивна густина од 276 пиксели на инч.

Форматот на таблетот е 16:10, а екранот има светлина од максимални 500 „нити“. Ова можеби не е којзнае колку, но сепак овој уред се смета дека ќе се користи во главно во домот, а не надвор.

Pixel Tablet работи на Google Tensor G2, истиот чип на кој работи Pixel Fold, како и ланските Pixel 7 телефони. Доаѓа со 8GB LPDDR5 RAM и избор помеѓу 128 и 256GB UFS 3.1 простор за податоци.

Таблетот доаѓа со две камери, односно и двете имаат 8 мегапиксели и f/2.0.

Можеби карактеристиките на уредот не се баш од највисоката класа за 2023, но кога ќе се земе во предвид цената, ова ќе биде еден од најдобрите на пазарот. Pixel Tablet ќе се продава по цена од 500 долари, но повторно, за жал не и во нашата земја.

ИЗВОРGoogle
Претходна статијаGoogle Search добива интеграција со генеративната вештачка интелигенција
Следна статијаГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД 2023 – почнува најмасовната акција за пролетно чистење
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.