Ненадејното отпуштање на директорот на OpenAI Сем Алтман, поради што си даде оставка и претседателот на одборот и ко-основач на компанијата Грек Брокман, полека почнува да добива некакво објаснување.
Во меѓувреме Алтман беше вратен на својата позиција во OpenAI, а одборот на директори кој го отпушти си даде оставка. Новиот одбор треба да биде привремен, по што ќе биде формиран нов каде свој член ќе има и Microsoft, кои беа директно вклучени во случувањата изминатите денови.
Тоа што остана нејасно е зошто дојде до вакво случување во оваа компанија, односно зошто работите толку ненадејно се случија и зошто нема некое конкретно објаснување, а посебно од сега веќе поранешниот одбор на директори.
Сега работите стануваат нешто појасни, доколку се покаже дека писмо наводно испратено до одборот на директори е вистинско, а и тврдењата во него точни.
Според писмото, директорот Сем Алтман изминатите години започнал со се’ поголема комерцијализација на компанијата која функционира како непрофитна организација, а посебно се истакнува делот за форсирање за развој на вештачка генерална интелигенција.
Дополнително, објавени се и работи како притисок врз истражувачите да го пријават напредокот на одредени тајни проекти, се мисли на тој за ВГИ, нивно отпуштање и слична практика.
Проблемот со вештачката генерална интелигенција, која се’ уште се смета за теоретска можност, е што донесува многу предности, но и одредени ризици.
ВГИ, е ниво на развој на вештачката интелигенција на кое истата веќе станува способна да разбира и резонира на ниво на луѓето, со што ја добива можноста да учи и да напредува. Задачите кои сега мора да и бидат зададени, ВГИ ќе може самата да си ги поставува.
Некои од предностите кои се очекуваат вклучуваат работи како решавање на комплекси проблеми во областа на медицината, науката и слично, автоматизирање на одредени задачи и повеќе.
Тоа што се истакнува како можна закана од вештачката генерална интелигенција, а во главно досега го гледавме во научно фантастичните филмови, е можноста истата да стане закана за опстанокот на луѓето, кратко кажано.
Со промената на одборот на директори, Сем Алтман и останатите сега можат слободно да продолжат со својата работа, па не би било лошо да се открие што точно бил проблемот за неговото отпуштање.