Модерното живеење носи предизвици кои можат да се надминат само со напредокот на технологијата. Според проценките на ОН, до 2050 година преку 68% од светската популација ќе живее во големи градови, а ова е еден од факторите што придонесува до зголемено загадувањето на воздухот и неекономично трошење на ресурсите. Како одговор на овие проблеми, а со помош на развојот на технологијата се создаде концептот паметни градови.

Паметните градови се релативно нов концепт, кој значи дигитализирани поврзани градови кои имаат за цел да ги оптимизираат ресурсите, да придонесат кон здрава и одржлива околина и да го унапредат урбаното живеење. Тие се базирани на платформа на која може да се додаваат нови решенија и апликации. Начинот на кој еден град станува паметен е преку менување и подобрување на целосниот еко-систем, од институционалната, преку физичката и социјалната, па сè до економската инфраструктура.

Така на пример, паметното осветлување кое се применува во Копенхаген и Чикаго, им помогна на овие градови да ја зголемат безбедноста, но и да заштедат огромен дел од годишниот буџет. Обичните улични светилки беа заменети со LED светилки, а притоа беше воведен Cloud систем за контрола и управување со уличното осветлување. Сензорите вградени насекаде низ градот овозможија светлата автоматски да се активираат на движење, што доведе до помал број на сообраќајни незгоди и криминални активности, помала емисија на штетни гасови и заштеда на енергија.

Паметно осветлување е воведено во три општини кај нас – Македонска Каменица, Чешиново – Облешево и Василево, проект кој е реализиран од Македонски Телеком, со помош на технологија која е уникатна не само кај нас туку и во целиот регион. Но, паметното осветлување е само едно од решенијата, на платформата за паметен град може постојано да се додаваат нови апликации и решенија.

Друг пример е дигитализирање на управувањето со отпад што им помага на градовите подобро да го организираат собирањето и исфрлањето на отпад, преку решенија како Паметни корпи, кои му покажуваат на корисникот колку е полн садот за отпад, каква е температурата, колкава е неговата тежина и слично. Ваквите решенија креираат услови за поздрава животна средина, ги прават градските управувања полесни и поекономични, и целосно го унапредуваат урбаното живеење.

Паметните градови се пример како напредокот на технологијата им помага на луѓето подобро да живеат а истовремено да ја заштитат животната средина. Модерните прашања, кои се исклучително релевантни за нашата иднина, конечно добиваат одговори преку паметни решенија овозможени од развојот на технологијата. Оваа напредна технологија на која се темелат паметните градови, која кај нас ја нуди Македонски Телеком е следниот чекор до општествена, економска и социјална еволуција.

Претходна статијаНајгласани граѓански предлози на платформата МојГрад
Следна статијаЗа прв пат во нашата земја квалитетот на пакуваните минерални води ќе се испитува со најсовремена опрема во лабораторијата на ЈП Водовод и канализација- Скопје