Microsoft Outlook десктоп апликацијата, која е една од најмногу користените апликации за „имејл“ пораки, а посебно од страна на бизнисите, отсега за корисниците на Mac е достапна бесплатно.

Ова значи дека корисниците веќе не треба да имаат Microsoft 365 претплата за да можат да ја користат оваа апликација, а истата на Windows се’ уште доаѓа како дел од овој платен пакет.

Преку Outlook апликацијата корисниците можат да ги поврзат било кои од нивните имејл сметки, односно Gmail, Yahoo, iCloud, како и било кои IMAP и Microsoft Exchange сметки.

Апликацијата е редизајнирана уште пред три години, што значи дека изгледа модерно и не заостанува, барем не многу, во споредба со верзијата за Windows корисниците. Исто така, Outlook е целосно оптимизирана за работа на Apple M чиповите кои се направени на основа на ARM.

Microsoft Outlook за Mac има поддршка за центарот за известувања на macOS, за „виџетите“ на овој систем, како и на Handoff функцијата која овозможува започната порака на iOS да се доврши на macOS.

Покрај ова, корисниците можат да користат гестови на повлекување за функции како бришења на пораките и слично, а има и еден унифициран „инбокс“, нешто што го нема ни во Windows верзијата.

За наскоро се најавува поддршка за Focus режимот на macOS, што значи дека ќе може да се избере кога и какви известувања да се добиваат.

„Без разлика дали дома, на работа или на училиште, корисниците на Mac насекаде можат лесно да додадат Outlook.com, Gmail, iCloud, Yahoo! или сметки IMAP во Outlook и да ја искусат најдобрата апликација за пошта и календар на macOS. Апликацијата Outlook за Mac го надополнува Outlook за iOS – давајќи им на луѓето доследно, доверливо и моќно искуство што го носи најдоброто искуство на Outlook во класата во екосистемот на Apple што многумина го сакаат. Outlook го олеснува управувањето на вашиот ден, е-поштата, читањето билтени, прифаќањето покани за кафе и многу повеќе. “ – истакнуваат од Microsoft.

Овој потег од компанијата покажува дека тие се сериозни во задржувањето на корисниците на било која платформа, а и дека не е мала бројката на корисници кои не го бираат Windows како нивниот главен оперативен систем.

ИЗВОРMacRumors
Претходна статијаРекламните ленти на YouTube на десктоп веќе нема да се прикажуваат
Следна статијаGoogle I/O оваа година ќе се одржи на 10 мај
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.