OpenAI покажа мал дел од тоа што можеме да очекуваме во иднина од нив, по најавата на нивниот директор дека наредната генерација од јазичните модели ќе биде многу, многу понапредна. 

Во текот на вчерашниот ден не беше претставена таа наредна генерација, односно беше претставена подобрена верзија од GPT-4 моделот наречена GPT-4o. 

Буквата О во името значи „омни“, а логиката зад тоа може да се види во зголемувањето на начинот на кој може да се користи ChatGPT користејќи го овој нов голем јазичен модел. 

GPT-4o на корисниците ќе им овозможи многу поприроден начин на интеракција преку гласовна комуникација која веќе почнува да наликува како разговор со човек. ChatGPT дури ќе може да „прикажува емоции“, односно да процени дали одговорот треба да вклучи и промена на тонот на изразување. 

Од OpenAI истакнуваат колку е подобрена гласовната комуникација која сега успешно враќа одговор во просек за 320 милисекунди. Со GPT-4, добивањето на гласовна команда подразбира едне модел кој ќе ја претвори во текст, потоа се добива одговор во текстуална форма, по што трет модел треба да го претвори тој текст во звук. 

Со GPT-4o се користи еден модел од каде и доаѓа големото подобрување во брзината.

Кога е во прашање „интелигенцијата“, новиот модел работи на ниво на GPT-4, но со многу поголема брзина. 

Покрај можноста за доста природна гласовна интеракција, GPT-4o генерално работи доста подобро со текст, слики и аудио, а може многу добро да ја процени околината која се прикажува на слики или дури со видео. 

Една од главните новини со претставувањето на GPT-4o е достапноста во бесплатната верзија од ChatGPT, која досега беше ограничена на GPT-3.5. Очекувано, бесплатните корисници ќе имаат одредени ограничувања, како на пример во бројот на пораки, а и дел од функциите ќе им бидат достапни подоцна. 

ChatGPT добива десктоп апликација

Од OpenAI најавија и достапноста на првата десктоп апликација од ChatGPT, а истата е достапна само на macOS. Windows верзија се најавува за подоцна во годината. 

Апликацијата веднаш им е достапна на корисниците кои плаќаат, додека во неделите што следат ќе можат да ја користат и бесплатните корисници. 

Со оглед на новите гласовни способности на GPT-4o, може да се каже дека Siri добива доста сериозна конкуренција на macOS, а корисниците ќе можат да го вклучат ChatGPT и да комуницираат со едноставната кратенка „opt + space“, слично како што се активира Spotlight. 

Во продолжение можете да го погледнете претставувањето на GPT-4o, а на овој линк можете да видите повеќе примери за способноста на овој нов јазичен модел.

Претходна статијаКаратистите на „Макпетрол“ ќе учествуваат на светската младинска лига во Шпанија
Следна статијаКонференцијата за недвижности во Скопје: За кого е наменета и зошто треба да ја посетите?
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.