Нешто што логично се очекуваше да се случи, а и се шпекулираше изминатите месеци, сега официјално е претставено од страна на OpenAI. Компанијата станува директна конкуренција на Google Search со претставувањето на SearchGPT интернет пребарувачот.
За SearchGPT може да се каже дека е ChatGPT со пристап до интернет во реално време, нешто што овој познат „четбот“ го нема. Со тек на време се најавува дека функциите од SearchGPT треба да бидат директно интегрирани во ChatGPT.
Во оваа фаза SeatchGPT ја носи ознаката „прототип“, со што треба да биде јасно колку овој производ е подготвен за пуштање. Тоа се гледа и од ограничената достапност, а се очекува дека само 10.000 корисници ќе можат да добијат пристап преку листата на чекање на која секој може да се приклучи.
SearchGPT нема да биде класичен интернет пребарувач кој ќе прикажува само една листа со веб страни, односно резултати. Овој пребарувач, како што би се очекувало, целосно функционира на основа на генеративната вештачка интелигенција, па резултатите ќе бидат прикажувани соодветено.

Од OpenAI истакнуваат дека „добивањето одговори на интернет може да бара многу напор, честопати бара повеќекратни обиди за да се добијат релевантни резултати. Ние веруваме дека со подобрување на способностите за разговор на нашите модели со информации во реално време од интернет, наоѓањето на она што го барате може да биде побрзо и полесно“.
Корисниците, слично како со ChatGPT, ќе можат да постават прашање, односно да побараат некоја информација, па по добиените резултати да постават дополнително прашање.
Резултатите ќе бидат прикажани во форма која треба да овозможи најдобро информирање на корисникот, на нив ќе има линкови до страните, а ќе може да се отвори и странична лента со повеќе резултати која наликува на стандардните интернет пребарувачи.
Од компанијата ја истакнуваат соработката која ја имаат со издавачите за подобро прикажување на нивните страни на SearchGPT, но не е потребна соработка за да истите бидат вклучени во нив.