OnePlus се очекува наскоро да влезе на пазарот на смартфони на преклоп, поточно во стилот на Galaxy Z Fold серијата, односно Oppo Find N. Ова се уреди кои кога ќе се отворат се претвораат во мал таблет, па за нив верувавме дека ќе бидат еден вид на мала револуција кај телефоните, но изгледа ќе мора да почекаме уште некоја година за тоа.
Од компанијата го објавија името на уредот, веднаш по претставувањето на Galaxy Z Fold5, а истото ќе биде OnePlus Open. Претставувањето на Open се очекуваше да биде овој месец, но нови информации укажуваат на одложување на настанот.
Познатиот @OnLeaks, кој ги објави неофицијалните слики од OnePlus Open во јуни, сега излезе со нови верзии од овие слики и истите покажуваат доста различен уред од тој што првично се веруваше дека ќе биде.
Промените кои се најавуваат сега се поврзани со форматот на телефонот, па тој изгледа ќе биде доста посличен со „братот“ Oppo Find N. Тоа значи дека екраните ќе биде пошироки, нешто што овозможува подобро корисничко искуство, а посебно кога се користи надворешниот екран.
Исто така, се најавуваат заоблени ќошеви на сите страни, како и поголем модул за камерите на задната страна.
Што се однесува до карактеристиките, OnePlus Open се очекува да дојде со 7,8 инчен екран кој се превиткува, како и 6,3 инчен надворешен екран, а двата треба да имаат стапка на освежување од 120 херци. За перформансите треба да биде задолжен најновиот Snapdragon 8 Gen 2, а тука е и меморијата од 16GB RAM.