Microsoft е во фаза на пуштање на нова верзија од OneDrive на веб за бизнис корисниците и тие од образовните институции. Иако работата со оваа апликација во суштина останува иста, OneDrive сепак добива доволно голем редизајн, а посебно внимание привлекуваат и неколкуте нови функции кои треба да ја олеснат и забрзаат работата.

Што се однесува до дизајнот, тој во главно е освежен, променети се одредени нијанси во некои делови, а тука се и промените на боите, а посебно кај копчињата. Не се работи за драстичен дизајн, туку за доста добро освежување на корисничкиот интерфејс, па затоа повеќе ќе се задржиме на новите функции.

Прво што ќе се забележи е новиот главен екран, односно OneDrive Home. Наместо само да се прикажани папките по ред со датотеките, Microsoft се има решено да отиде во правец на стилот кој го користи кај новиот File Explorer во Windows 11.

Ова значи дека корисниците тука ќе ги гледаат своите најнови датотеки, без разлика од која папка се, ќе ги гледаат омилените датотеки, а уште поважно, вештачката интелигенција ќе предложува датотеки врз основа на користењето на апликацијата. Овој дел, наречен „За тебе“ е поставен на врвот од корисничкиот интерфејс, па треба доста да го забрза работењето.

Основната функција на OneDrive секако останува, па сите корисници кои треба да побараат датотеки според папките кои ги имаат креирано, тоа можат да го направат. Новите промени овозможуваат само таа активност побрзо да се направи со тргање на потребата од отворање и пребарување низ повеќе папки, а посебно за корисниците кои ги имаат многу, вклучувајќи ги и папките кои се споделени со нив.

Промени може да се забележат и во делот за споделени датотеки, нешто што и доста беше достапно, но како и целата апликација, датотеките се само прикажани според папките.

Корисниците сега можат да ги гледаат датотеките според последниот пат кога се користени, да ги гледаат според вид на датотеки, папка и слично.

Главната новина според нас каj OneDrive доаѓа со додавањето на два нови „филтри“ кои овозможуваат прикажување на датотеките според состаноците и според луѓето со кои се соработува.

Овие датотеки може да се зачувани во различни папки, па на овој начин тие ќе биде организирани според овие два нови филтри, нешто што треба да скрати доста време при нивното барање.

Уште една новина се издвојува, иако е мала. Се работи за можноста да се избере посебна боја за секоја папка, па и ова може да се додаде во подобрувањата при организацијата. Различните бои прават да папките подобро се истакнат, односно издвојат од другите, па нивното пронаоѓање станува доста полесно.

Овие новини за жал не им се достапни на „обичните“ корисниците на OneDrive, без разлика дали плаќаат за сервисот или не, а на бизнис корисниците и образовните институции ќе им станат достапни постепено, дел веднаш, а дел после некој месец.

ИЗВОРPCWorld
ИЗВОР 2Microsoft
Претходна статијаПрвата слика од црна дупка подобрена со вештачка интелигенција дава многу подобар поглед кон овие вселенски тела
Следна статијаМожноста за директно префрлување на WhatsApp разговорите од еден на друг телефон се тестира и за корисниците на iPhone
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.