Официјален „трејлер“ од Samsung за нивниот настан на 5-ти август со петте уреди кои ќе бидат претставени

Очекувано, од уредите можат да се видат само нивните силуети, но е доволно да се заклучи што може да се очекува од настанот

На една недела до Unpacked настанот на којшто се очекува претставувањето на Galaxy Note20 серијата, како и уште неколку дополнителни уреди, Samsung објави видео трејлер за дополнителна најава на настанот.

Се разбира, од видеото не може да се види кои се уредите, но тука се нивните затемнети силуети кои се доволно видливи за да може да се претпостави за кои уреди се работи, а секако и врз основа на неофицијалните информации кои беа достапни како и пред секое претставување на нови уреди.

Па така, од видеото може да се види уред од Note серијата, односно телефон со пенкалце. Се очекува претставување на Galaxy Note20 и Note20 Ultra верзии, а претходно се најавуваше и трет модел кој во последните недела дена престана да биде споменуван.

До овој уред се гледа силуета која потсетува на Galaxy Fold, со што можеме да ја очекуваме и втората генерација од овој уред со екран кој се превиткува, а се очекува да биде наречен Galaxy Z Fold2.

Наредните две силуети е очигледно дека се часовник, како и кутија со безжични слушалки, а се очекува претставување на Galaxy Watch 3, како и целосно новите Galaxy Buds Live.

Зад нив е последната силуета за која се очекува дека е од Galaxy Tab S7 таблет компјутерот за кого се најавува и дополнителен Plus модел.

Galaxy Unpacked ќе се одржи идната среда со почеток во 16:00 часот по македонско време, а ќе може да се следи во живо како и сите настани досега, со тоа што оваа година тој ќе се одржи само онлајн поради корона пандемијата.

ИЗВОРSamsung
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаАдвокатска компанија ги повикува акционерите на Intel да поднесат тужби по најавата за одложување на 7nm чипови
Следна статијаQualcomm го претстави Quick Charge 5 стандардот кој поддржува полначи со над 100W енергија
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.