Hero_OfficeInsider_1600x530

Слично како Windows Insider програмата, која што се покажа како одличен начин за развој на Windows 10, Microsoft ја воведува и Office Insider. Како што се гледа од името, се работи за програма која што ќе им овозможи на корисниците предвреме да добијат нови функции на Office 2016 и да ги тестираат. Со фидбекот добиен од овие корисници, Microsoft ќе може да ги усоврши функциите пред истите да ги пушти за сите корисници.

За разлика од Windows Insider, за да можете да ги користите Insider верзиите од Office, мора да сте претплатени на еден од трите пакети на Office 365 за приватни корисници, поточно Office 365 Home, Personal или University.

Office Insider на почеток е достапен само за корисниците на Windows десктоп, Windows 10 Mobile, како и на Андроид, а се очекува и поддршка за другите платформи во блиска иднина.

Доколку сте корисник на Office 365, на истиот начин како што го имате симнато инсталациониот фајл од office.com, сега е додаден и фајл за Office Insider. По инсталацијата на програмите кои што следуваат со вашиот пакет, тие ќе ги добиваат новите функции за тестирање пред истите да бидат пуштени во стабилната верзија наменета за повеќето корисници.

PowerPoint Designer и Morph

Со најавата на Office Insider програмата, Microsoft веднаш пушти нови функции кои што овие корисници ќе можат да ги тестираат. Се работи за две нови функции достапни во PowerPoint, програмата која што одамна нема добиено нешто посебно ново.

Двете нови функции, наречени Designer и Morph, овозможуваат автоматизирање на одредени можности во програмата со помош на алгоритми и предностите од облакот. Designer е наменета за подобро вметнување на слики во слајдовите, додека Morph е нова транзиција која што изгледа навистина интересно и ќе овозможи модерни презентации.

The-evolution-of-PowerPoint-1-1024x555

Со Designer, корисниците добиваат помош во дизајнирањето на нивните слајдови, поточно при вметнувањето на слики, за што се добива предлог од повеќе стилови во кои што може најдобро да биде поставена на слајдот.

Предлозите се добиваат од облакот со алгоритам развиен со помош на професионални графички дизајнери кои што имаат направено повеќе од 12.000 креативни шематски планови.

Па така, по изборот на слика, PowerPoint сега дава предлог како истата да биде наместена и кои делови да бидат задржани. Системот е доволно паметен да забележи кога се користи обична генеричка слика за позадина или кога некој објект во неа е важно да биде истакнат.

The-evolution-of-PowerPoint-2-1024x556

Morph од друга страна е целосно нова транзиција која што мислам дека корисниците ќе почнат само неа да ја користат. Овозможува автоматско анимирање на текстот и објектите со што се добива нивно интересно движење во презентацијата, наместо обично менување на слајдот.

Корисниците потребно е да го дуплираат првиот слајд и да ги наредат објектите каде што би сакале да се наоѓаат. После тоа, PowerPoint прави автоматско анимирање со што се добива навистина модерна презентација.

Во продолжение на видеото можете да видите како функционираат двете нови функции.

Извор: Office, TNW

Претходна статијаИнтел ја забрзува транзицијата до „Cloud-Ready“ комуникациски мрежи
Следна статијаFacebook Safety Check ќе се користи и за човечки предизвикани непогоди
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.