Еден од начините на кои Facebook доаѓа до информацијата за нашите интереси доаѓа од сите веб страни кои ги посетуваме додека сурфаме, односно информациите не доаѓаат само од лајковите и кликовите на самата Facebook мрежа.
Пример за тоа е код којшто се поставува од страна на секој којшто сака да огласува на Facebook, на одредена веб страна, па кога вие ќе ја посетите таа страна, тоа што го правите на страната, се праќа на Facebook. Тоа значи дека ние во Смартпортал можеме да знаеме колку луѓе, но не точно кои, ја посетуваат нашата категорија „Друштвени мрежи“, па доколку сакаме специјално на нив да им пуштиме одредена реклама, тоа можеме да го направиме.
Ова е и објаснувањето доколку се имате чудено, зошто кога ќе посетите некоја страна со некој производ, во наредниот период ви излегуваат реклами на Facebook баш со тој производ. Кратко, кажано, таа веб страна ја споделуваа информацијата со Facebook, па кога ќе биде пуштена рекламата, истата се прикажува и на вас.

Off-Facebook Activity е нова алатка на Facebook која ќе ви ги прикаже сите страни од кои Facebook добива информации за вас. Со оваа алатка потоа ќе можете да ги избришете овие информации, како од една, така и од сите страни.
Можноста оди и чекор понатаму, па можете целосно да ја исклучите можноста за споделување на информации помеѓу страните и Facebook, со тоа што од компанијата нагласуваат дека тогаш нема да може да ви бидат прикажани реклами кои вас ве интересираат.
Оваа алатка е достапна во Settings од мрежата, на мобилната апликација и преку веб. Истата е направена едноставно, односно се што треба е објаснето посебно во секој дел. За почеток можеби и ќе се изненадите колку пати се споделени информации од страните со Facebook.
Од Facebook потсетија и дека од оваа година тие ги информираат корисниците секогаш кога ќе се најават на некои сервиси со нивната Facebook сметка, нешто што и досега можеше да се види, но со известувањата корисниците ќе бидат повеќе свесни што се случува.