Во текот на вчерашниот ден Apple го одржа својот „There’s more in the making“ настан, кој до некаде за изненадување беше најавен во Њујорк, наместо во Steve Jobs салата во новиот кампус планирана за вакви настани.

На овој настан Apple ги претстави уредите кои и се очекуваше да ги претстави, односно беа претставени нови генерации од iPad Pro, MacBook Air и Mac mini. Овие три нови уреди сега се многу повеќе конкурентни на пазарот којшто Microsoft и другите производители прилично добро го држат, па може да се очекува добар „напад“ од страна на Apple.

iPad Pro

Главниот уред на настанот слободно може да се каже дека беше iPad Pro. Ова е така поради тоа што корисниците се повеќе користат хибридни уреди, па иако iPad Pro не е таков, сепак е направен да им конкурира на таквите уреди од Microsoft и другите производители. Со најавата дека целосната верзија од Photoshop CC ќе стане достапна на iPad Pro идната година, овој таблет компјутер дефинитивно ќе може да им конкурира на лаптоп компјутерите.

Главната новина кај iPad Pro е неговиот изглед. Годинешниот модел е направен со минимални рамки околу екранот, што му дава навистина посебен и одличен изглед. Големината на екранот доаѓа во избор од две варијанти, односно 11 и 12,9 инчи, а направен е во LCD технологија која од Apple сакаат да ја нарекуваат Liquid Retina Display. Без разлика на маркетиншкото име, овие уреди од Apple секогаш ги имаат едни од најдобрите екрани, а за овој модел од компанијата најавуваат и посебно прилагодување на стапката на освежување за што попрецизна работа.

Големината на уредот генерално е намалена, за дури 25%, а тоа е поради значителното намалување на рамките околу екранот. Поради намалувањето на рамките, iPad Pro овој пат не доаѓа со сензор за отпечатоци, па ќе го има Face ID системот од iPhone X.

iPad Pro работи на новиот 7 нанометарски A12X Bionic чипот, којшто според Apple е најмоќниот чип којшто е вграден во било кој талбет компјутер. Овој чип има 8 јадра од кои 4 се наменети за подобри перформанси, а 4 за штедење на енергија. Од Apple исто така најавуваат многу подобро менаџирање на јадрата при нивно користење од страна на апликациите.

Таблетот доаѓа со батерија која треба да издржи до 10 часа во текот на денот, тука е и Apple Pencil, а можно е и додавање на тастатура со нов систем за потпирање на уредот.

MacBook Air

Некогаш, слободно може да се каже, револуционерниот мал и тенок лаптоп, едно време како да се изгуби во големата конкуренција. Сепак, тој конечно добива нова генерација, задржувајќи ги малите димензии и одличен дизајн.

Новиот MacBook Air исто така има екран со големина од 13,3 инчи, повторно со маркетинг име од страна на Apple, односно познатиот Retina екран. Според компанијата, новиот MacBook Air има до 48% повеќе приказ на бои од претходните генерации, па треба да се очекува многу подобро корисничко искуство.

Оваа нова генерација исто така го донесува и Touch ID системот, односно сензорот за отпечатоци кои може да се користи за брзо отклучување на лаптопот, како и при купување на работи преку него.

Во MacBook Air се вклучени Intel процесори од 8-та генерација, како и до 16 GB RAM меморија. SSD дисковите кои се дел од уредот се до 60% побрзи од претходните генерации, па може да се очекува значително подобра работа на целиот систем, која сигурно ќе може да се забележи.

Mac mini

Третиот уред којшто беше претставен на вчерашниот настан е малиот и лесно пренослив десктоп компјутер Mac mini. Новата генерација според Apple има 5 пати подобри перформанси од претходниците, а се разбира дека тоа е и очекувано од нови генерации од уреди каде главната новина се во основа перформансите.

Овој уред исто така доаѓа со 8-та генерација од Intel процесорите, со можност за зголемување на брзината до 4,6 MHz, како и до 64 GB RAM меморија и до 2TB простор за податоци.

Деталите околу Mac mini можете да ги прочитате на Apple страната на овој линк.

Претходна статијаOnePlus го претстави OnePlus 6T со голем екран, исечок и сензор за отпечатоци по екранот
Следна статијаАдвокати, пазете се. Доаѓа вештачката интелигенција
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.