После навистина долго време во Preview фаза, па потоа и како дел од бета верзиите, новиот Firefox прелистувач за Android конечно им е достапен на сите корисници преку официјалната и стабилна верзија.

Оваа верзија почна да ја заменува постојната пред неколку недели, но сега веќе е достапна кај повеќето, па време е тоа да се истакне и да се напише кои се новините.

Во основа, Firefox за Android сега е целосно нов прелистувач, а покрај логото и името, може да се каже дека ништо не е останато од претходната верзија. Најважно од се е што конечно и Android верзијата ја добива новата веб технологија која Firefox ја користи веќе одамна на десктоп, па корисниците можат да очекуваат значително зголемување на брзината на работа на апликацијата, односно на отворањето и работата со веб страните.

Другите промени исто така не се за потценување, односно донесуваат големо подобрување во корисничкото искуство на корисниците. Прво што ќе забележите е дека главниот екран на Firefox изгледа поразлично. Ги нема најчесто отвораните страни, како и предлозите од Pocket, па целиот екран е резервиран за страните кои сами ќе ги поставите тука, како и за новата функција „колекции“, која овозможува да изберете повеќе страни и да ги зачувате за лесен пристап до нив подоцна.

Друга работа која може да се забележи е што главната лента од апликацијата сега е поставена на долната страна, иако може да се избере да биде како обично горе, а изборот се прави при првото вклучување на апликацијата по нејзината надградба.

Блокирањето на интернет „тракерите“ исто така добива унапредување, па сега прилагодувањата за овој дел се скоро исти како на десктоп верзијата од Firefox, што значи дека корисниците многу полесно ќе можат да се снајдат.

За разлика од претходната верзија која имаше поддршка за доста додатоци, со промените кои дојдоа и на десктоп, Firefox користи нов систем за додатоци, односно addons, па и на Android корисниците за почеток имаат избор од помалку од десеттина, но бројката со тек на време ќе се зголеми.

Презентацијата на новата верзија од Firefox за Android можете да ја погледнете и на видеото на почетокот од оваа статија.

Претходна статијаЛетување во време на корона кризата
Следна статијаInstagram ќе се погрижи да имате што да гледате и кога ќе стигнете до последната објава
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.