Nothing денеска официјално го најави нивниот трет смартфон кој беше најавен на почетокот од минатиот месец. За време на презентацијата, ко-основачот и директор на компанијата, Карл Пеи, најави дека очекува Phone (2a) да биде нивниот најпродаван телефон досега, а тој покажува и каква ќе биде иднината на оваа нова компанија.

Nothing Phone (2a) е интересно дизајниран телефон исто како и другите два модели од компанијата. Дефинитивно се издвојува од конкуренцијата, а вниманието кое го привлекува некои го споредуваат со тоа на Apple. Карл Пеи уште не почетокот истакна дека е „фан“ на функционирањето на оваа компанија, најавувајќи дека планира да постигне уште повеќе.

Како што беше најавено, Phone (2a) работи на чип од средно високата класа, со што се постигнува пониска цена, одлични перформанси, како и пониска потрошувачка. Чипот е посебно развиен за Nothing, а тој е Dimensity 7200 Pro од MediaTek.

Чипот е направен во втората генерација од 4nm процес на TSMC, со што може да се очекуваат одлични перформанси. Од компанијата веќе го споредуваат овој чип со конкурентите, па очекувано истакнуваат одредена предност.

Екранот на Phone (2a) е со големина од 6,7 инчи, типично за оваа категорија на телефони и штета што не се дава избор од помал екран како кај највисоката класа. Стапката на освежување е со 120 херци, а може да се намали до 30.

Уште поважно за работата со телефонот, стапката на освежување за допирот на екранот изнесува 240 херци, па овој телефон ќе може да се мери со најдобрите.

Резолуцијата изнесува 2412 на 1084 пиксели, а највисоката светлина која ќе може да се постигне е 1300 „nits“.

Батеријата е со одличен капацитет од 5000 mAh, со што корисниците можат да очекуваат до два дена без полнење. Од Nothing истакнуваат дека тие успеале да го користат телефонот за гледање видео до 20 часа, што е доста добра мерка за батеријата.

Полнењето се прави со брз полнач од 45W, кој овозможува целосно полнење за 59 минути, додека 50% од батеријата може да се наполнат за 23 минути.

На задната страна доаѓа до израз дизајн стилот на Nothing, па спротивно на најавите поставен е познатиот „Glyph“ интерфејс, но во помала форма од другите два модели. Корисниците ја имаат можноста да ги следат своите известувања преку задниот дел, да ја проверуваат батеријата и слични активности.

Три камери се достапни кај Phone (2a). На задната страна се поставени две камери со по 50 мегапиксели, додека „селфи“ камерата е со 32МП.

Настанот на којшто беше презентиран Phone (2a) се одржа во Индија, а истиот можете да го погледнете во продолжение.

ИЗВОРNothing
Претходна статијаОпштина Илинден ќе биде дел од општествено одговорната кампања на „Макпетрол“
Следна статијаПретставена наредната верзија од познатата Malwarebytes
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.