12 јули, денеска, е денот кога конечно го имаме официјалното претставување на телефонот од компанијата со најуникатното име, Nothing, за кого основачот најавува дека ќе биде целосно различен од тоа што со години го гледаме на пазарот.

Телефонот беше претставен онлајн од страна на основачот Карл Пеи кој самиот го презентираше, без публика или други учесници.

Тој ја започна презентацијата со повторно истакнување дека телефонот треба да донесе новина на пазарот, а посебно внимание даде на задната страна која е и најинтересниот дел. Како што веќе знаеме, задната страна е делумно проѕирна и пополнета со ЛЕД сијалички во различни форми. Идејата на Nothing, истакна Пеи, е да различен стил на светење поврзан со „рингтонот“ се додели на различни контакти, па на тој начин ќе се знае кој бара во ситуациите кога телефонот е превртен на екранот, односно кога сме на состанок, на пример.

Уште една навистина интересна и уникатна намена на задните дел е поставеноста на сијаличките до влезот за полначот, па при полнење може да се гледа до каде е наполнета батеријата. Телефонот доаѓа со можност за безжично полнење, како и „обратно“ полнење, односно полнење на уреди како паметен часовник. Сијаличките околу безжичниот полнач исто така се вклучуваат кога телефонот се полни или кога друг уред се полни.

Овој дел од телефонот е наречен Glyph Interface и Пеи најавува дека со тек на време ќе бидат додадени повеќе можности.

Тоа што веднаш може да се забележи е сличноста на дизајнот на телефонот, а посебно од страните, со iPhone. Ова според нас е одлично, односно телефонот го прави да изгледа ретко квалитетно за еден Android уред.

Предната и задната страна од Nothing Phone (1) се направени од Gorilla Glass 5, додека страните се направени од рециклиран алуминиум. Со оглед на класата на телефонот, за кого од компанијата не се решија да биде од највисоката, квалитетот на изработка и дизајнот дефинитивно не го откриваат овој факт.

Што се однесува до карактеристиките, Phone (1) работи на Snapdragon 778G+ и доаѓа со избор од 8+256GB, 12+256GB, како и 8+128GB меморија и простор за податоци.

Екранот е со големина од 6,55 инчи и има резолуција од 2.400 на 1.080 пиксели и нивна густина од 402ppi. Екранот исто така има стапка на освежување од 120 херци, светлина од 500 нити, односно 1200 максимална.

Работи на Nothing OS направен на основа на Android 12, а има и две камери на задната страна од по 50 мегапиксели и предна камера со 16 мегапиксели. Може да се изберат две бои, бела и црна. Батеријата е со капацитет од 4.500 mAh.

Телефонот ќе се продава по цена од 469 до 499 евра, зависно од избраните карактеристики.

Претставувањето можете да го погледнете во продолжение.

ИЗВОРNothing
Претходна статијаApple ги пушти првите бета верзии за сите корисници од iOS 16, iPadOS 16, macOS Ventura и watchOS 9
Следна статијаЗабавата не запира – нова промоција во мобилната припејд телефонија на А1
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.