Како што кажавме и во статијата за најавата на новите смартфони од Sony, оваа недела ќе видиме доста нови и интересни уреди поради одржувањето на MWC 2018 саемот во Барселона.

Можеби еден од најинтересните модели претставени на овој саем е Nokia 8110, уште еден легендарен модел од брендот по претставувањето на Nokia 3310. Се работи за телефонот кој беше познат по својот подвиткан дизајн од којшто излегува „слајдерот“ за отворање на тастатурата и правење повици.

Сепак, во оваа статија сакаме да ви ги претставиме четирите нови Android телефони кои беа претставени од Nokia, поточно HMD Global, компанијата која ги презема правата за брендот и ги дизајнира и претставува новите модели.

Смартфоните кои ги претстави Nokia на MWC се доволно на број за да ги задоволат сите видови на корисници. Почнуваат од најниската класа, па се до највисоката. Соодветно набројани новите модели се Nokia 1, Nokia 6, Nokia 7 Plus и Nokia 8 Sirocco.

Nokia 8 Sirocco

Уред од високата класа којшто доаѓа со сега веќе стандардно прифатениот стил кај конкурентите на екран без или минимални рамки околу екранот. Овој уред има 5,5 инчен pOLED 2K екран, а на изгледот додава рамката направена од нерѓосувачки челик.

Чипсетот на којшто работи сепак не е најновиот Snapdragon 845, а од HMD Global се имаат одлучено за исто така одличниот Snapdragon 835. Телефонот доаѓа со 6 GB RAM меморија и 128 GB меморија за складирање на податоци.

На задната страна има двојна камера со 12 и 13 мегапиксели, а на предната страна е поставена камера со 5 мегапиксели. Батеријата е со капацитет од 3.260 mAh, читачот за отпечатоци е поставен на задната страна и уредот работи на Android Oreo.

Цената на овој уред треба да биде околу 900 долари.

Nokia 7 Plus

Овој уред доаѓа со 6 инчен екран со резолуција од 2160 x 1080 пиксели и сооднос од 18:9, што е стандард кај повеќето нови уреди, а посебно во високата класа. Работи на Snapdragon 660 чипсетот, има 4 GB RAM меморија и 64 GB меморија за складирање на податоци.

Вклучува двојна задна камера со 12 и 13 мегапиксели, како и предна со 16 мегапиксели. Батеријата е со одличен капацитет од 3.800 mAh, работи на Android Oreo, а треба да се продава по цена од 490 долари.

Nokia 6

Третиот смартфон претставен оваа недела доаѓа со 5,5 инчен екран со Full HD резолуција и избор од 3 и 4 GB RAM меморија, како и 32 и 64 GB меморија за складирање на податоци.

Камерите кај овој уред се со 16 мегапиксели на задната страна и 8 мегапиксели на предната. Ќе работи на Android Oreo и има батерија со капацитет од 3.000 mAh.

Цената на уредот треба да почнува од околу 340 долари.

Nokia 1

Nokia 1 е најслабиот модел од претставените и единствен којшто ќе работи на Android Oreo Go, верзијата од оперативниот систем наменета за послабите уреди. Има 4,5 инчен FWVGA екран, четири јадрен процесор кој работи на 1,1 GHz, како и 1 GB RAM меморија и 8 GB меморија за складирање на податоците.

Камерите се со 5 и 2 мегапиксели, а батеријата е со капацитет од 2.150 mAh. Цената на овој уред треба да изнесува околу 85 долари.

Сите претставени модели можете да ги видите на страната на Nokia преку следниот линк.

ИЗВОРPhoneDog
ИЗВОР 2HMD Global
Претходна статијаSony ги претстави Xperia XZ2 и XZ2 Compact – конечно уреди кои ќе може да им конкурираат на најдобрите
Следна статијаРСБСП: Корисни совети за безбеден сообраќај во зима
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.