По објавата дека мерката на Netflix со која сака да ја прекине популарната практика на споделување на сметките со пријателите, функционира, дојде и најавата дека истата ќе биде пуштена во целиот свет.
Според Netflix, повеќе корисници имаат креирано сопствени нови сметки во споредба со тие кои ги имаат откажано, па сервисот има добиено скоро 6 милиони нови корисници по пуштањето на новата мерка во неколку земји, вклучувајќи ги и САД.
Тоа што ќе забележите нареден пат кога ќе ја вклучите Netflix апликацијата е информација со која од компанијата информираат дека сервисот е замислен да се гледа од ваша страна и луѓето кои живеат со вас.
Потоа ќе биде побарано да потврдите дека уредот од кој се вклучувате е дел од вашето домаќинство, по што ќе дојде и потврда преку имејл. Другите уреди кои се поврзани преку истиот интернет, автоматски ќе бидат додадени во тоа домаќинство.
За почеток е можно да се потврдат и други уреди дека се дел од домаќинството, но не е познато до кога од Netflix ќе го „толерираат“ ова, а познато е дека целта им е да корисниците ги префрлат своите профили на нова сметка која ќе си ја плаќаат.
Кратко кажано, дојде крајот на споделувањето на Netflix лозинката помеѓу пријателите, па корисниците ќе мора да почнат да плаќаат самите.
Дали ќе биде пуштена можноста да се доплати за еден дополнителен корисник надвор од домаќинството и колку ќе чини тоа, уште не е познато.