Неоком е една од најпознатите и најуспешни ИТ компании во нашата земја. Постои уште од 1990 година, а од тогаш константно го зголемува бројот на услуги кои ги нуди, како и нивниот квалитет, професионализам и следење на најновото во светот на технологијата.

Оваа статија сепак не е наменета за промовирање на компанијата и сите нејзини производи и услуги, туку само најновиот. Се работи за дата центар кој го носи името neoDC.

Дата центрите во основа се простории кои ги нудат компаниите во кои корисниците можат да закупат простор за поставување на своите сервери потребни за работа, како и да изнајмат веќе постојни кои ги нуди компанијата.

Можеби тоа звучи како едноставна работа, меѓутоа работата на голем број на сервери бара посебни услови кои може да ги понуди само компанија со ресурси, искуство и познавање од областа.

neoDC се наоѓа во Скопје, поточно во главната зграда на Неоком АД, веднаш до железничката станица. Тоа овозможува брз и лесен пристап до серверите од сите клиенти, но она за коешто би сакале да обрнеме посебно внимание е опременоста на дата центарот, кој имавме шанса да ги видиме при нашата посета минатата недела.

При влезот во просториите веднаш се забележува дека просторот е реновиран, односно остава среден и модерен впечаток. Поделен е на повеќе простории во кои корисниците ќе можат да ги остварат своите добиени услуги.

Во истата просторија секогаш е достапен тим од компанијата кој е тука да овозможи поддршка 24/7 за сите корисници кои ќе се јават или лично ќе дојдат да работат на својот сервер. Ова е една од најголемите предности кои ги нуди neoDC, па корисниците може да бидат сигурни дека нема нешто што нема да може да биде завршено веднаш кога ќе се јави потребата.

Пристапот до просториите е обезбеден и е овозможен преку посебни картички кои ги добива секој корисник. Тоа овозможува директна контрола на тоа кој влегол во просториите, колку време останал, како и што правел, односно на кои сервери добил пристап.

Во дата центарот се наоѓа и посебна просторија во која корисниците ќе можат слободно да работат на својот сервер, без потреба тоа цело време да го прават во систем салата, каде е ладно и полно со други сервери.

Влегувањето во самата систем сала веднаш овозможува поглед на тоа што може да очекуваме од оваа нова услуга. Просторијата е направена според сите најнови стандарди, модерна, опремена, обезбедена, а овозможува и доволно простор за сите заинтересирани корисници.

Серверите во систем салата се поставуваат во рекови кои се во сопственост на Неоком, а корисниците се обврзани да ги користат нив. Со тоа се добива унифицирано и контролирано корисничко искуство за сите корисници на кои им се гарантира квалитетен и еднаков пристап до ресурсите на компанијата.

Рековите се опремени со посебни брави кои по потреба дополнително се обезбедуваат со електронски картички. Со ова се добива увид во тоа кој и кога ги има отворено вратите на рекот, па шансите за некакви грешки или злоупотреби се скоро и непостоечки.

Систем салата е опремена со модерен систем за одржување на климата на околината која е гарантирана на 22 степени +/- 2 степени. Во просторијата исто така се врши и контрола на влажноста која се одржува на влажност од 40-60% со посебни системи.

Опремата која е дел од систем салата исто така овозможува и контрола на присутноста на мали честички во воздухот. Ова заедно со контрола на климата и влажноста, овозможува непречена работа на серверите.

Целта состојба во просторијата е контролирана од посебни сензори кои го информираат тимот на Неоком во секој момент за секаква промена која може да биде од интерес за работата на опремата.

За работа на серверите се грижат дедицирани доводи на струја од два независни извори со по 112KW капацитет. Во случај на посериозен недостаток на електрична енергија вградени се два дизел генератори, како и два дополнителни UPS системи.

Системот за гаснење на евентуални пожари е исто така модерен и напреден. Имавме шанса да поразговараме со Јане Антов, човекот којшто стои зад развојот на neoDC, кој ни го презентираше овој систем.

Тоа што го прави системот посебен е можноста за рано детектирање на пожар пред истиот да се случи, односно прошири и предизвика поголема штета. За тоа е одговорен посебен систем кој детектира и најмала појава на чад, по што се информира тимот на компанијата.

Ова е важно поради тоа што раната појава на чад, која се’ уште не е прерасната во пожар, подобро е да се изгаси рачно и само во делот каде што се има појавено, отколку да се вклучи целиот противпожарен систем кој е оставен за ситуации кога веќе мора да се вклучи.

Кои се главните предности на neoDC ?

  • Висока достапност на електрична енергија
  • Еколошки систем за гасење на пожар
  • Интегриран и унифициран систем за контрола на условите во околината
  • Атрактивна и пристапна локација
  • Високо ниво на безбедност според меѓународни стандарди
  • Достапност на повеќе флексибилни сервиси

 

Претходна статијаMotorola One Power го враќа стариот бренд и воведува исечок на екранот прв кај овој производител?
Следна статијаДостапен iOS 11.4 со можност за синхронизирање на Messages во iCloud
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.