1392988186_1468769606000

Веќе неколку месеци пишуваме за „не-толку тивката револуција“ која се случува во развиениот свет, наречена „кооперативен капитализам“ (или пак со друго име, sharing economy, economy on-demand, и сл.). Комбинација помеѓу достапната технологија, инстант поврзаноста на милиони луѓе на глобално ниво и претприемачки дух, креира еден цел нов сегмент на бизниси кои се предводени воглавно од млади луѓе. Главна карактеристика на овие бизниси? Обезбедуваат платформа, пазар на кој се сретнува директно понудата и побарувачката за било кој производ (повеќе на оваа основна карактеристика на кооперативниот капитализам тука). Прескокнати се посредниците, а богами и се поставува прашање за дали сеуште ни се потребни огромен број регулативи и инспектори кога овие нови пазари е евидентно дека се саморегулирачки (замислете го само потенцијалот на „кооперативниот капитализам“ за де-бирократизација (!) – кој ќе води до намалување на административни бариери, трошоци во Буџетот, минимизирање на можностите за корупција и нелојална конкуренција, врскаџиство, воопшто слобода и економски просперитет).*

Оттука, чисто како мотивација за оние похрабрите и поумешните помеѓу нас, на кратко анализирав неколку модерни старт-апи во светот кои верувам дека можат да се „копираат“ во Македонија (пред се, овие услуги верувам дека се потребни и кај нас, нема да наидат на преголеми правни и административни пречки, и не се премногу „модерни“ за нашата релативно конзервативна средина). Се разбира, сепак имам чувство дека мора да нагласам, кој и да се осмели да инвестира во овие бизнис идеи треба детално да си направи бизнис план и анализа за сето горенаведено.

  1. Spinlister: платформа/пазар за позајмување на точаци, сурф-даски и опрема за скијање. Ова е одлична идеја особено за опремата за скијање која е доста скапа, а воглавно ви треба за краток период од годината. Дополнително, порано или подоцна, особено поради огромното загадување во Македонија и се поголемата свесност за овој проблем, вклучувајќи го тука и раѓањето на се популарната организација „На Точак“, точаците ќе бидат on high demand во периодот кој следува. Добро е да се позиционира некој со ваков тип на кул, модерна апликација уште од сега за да „сурфа на бранот“ кој следува. И, се разбира, да се збогати во процесот работејќи кул работа;

  1. Just Park. Мислам дека ова може да биде модерното решение за хаосот со паркинг места во Скопје, особено во викенд. Идејата е едноставна: Јust Park обезбедува платформа/пазар кој дава можност за луѓето кои имаат приватен простор пред нивните куќи да го изнајмуваат на луѓе кои имаат потреба од паркинг, по услови по кои може самите да ги договорат. Се разбира, предизвикот е да се постигне она што го постигнаа Just Park – во просек за цели 60% поевтини паркинг места. Како што објаснуваат од Just Park:

Паркирањето е неефикасен бизнис. Ни ги истенчува резервоарите (барајќи паркинг), џебовите, времето и живците. Ни ги блокира и нашите градови. Во Just Park и официјално ни е преку глава – животот е премногу краток да не се превземе нешто за да се подобрат работите.

Ги поврзавме точките за да обезбедиме оние кои имаат потреба од паркинг да ги најдат луѓето кои имаат вишок простор. Нашиот бизнис е всушност ослободување на огромен потенцијал: им помагаме на сопствениците на куќи, црквите, школите, хотелите, пабовите и комерцијалните паркинзи да заработат дополнителни средства со пополнување на нивните празни места, искористувајќи го потенцијалот на она што го имаат.

Опцијата да се паркираме на вакви „скриени“ места ги зајакнува возачите и ги надмудрува „паркинг инспекторите“, ги минимизира казните за непрописно паркирање и ни заштедува дури и до 70% во споредба со јавните паркинзи.

  1. Relay Rides (или пак Getaround): ова фактички е истата идеја како Spinlister, само за возила.

Лично, мислам дека најголем потенцијал има првата бизнис идеја, иако Just Park ми е највозбудлива. Ме потсеќа на моментот на познатиот либерален-анархист од 19-ти век, Лисандер Спунер, кога отворил своја фирма за доставување пратки да се натпреварува со гигантот монопол, државната пошта на САД.

Продолжувам во следниот текст со презентирање на уште неколку кул старт-апи идеи кои би пукнал од среќа ако ги видам во Македонија и видам некој мој врсник како се богати со модерно претприемаштво.

*Oдговорот на ова второто прашање ќе претставува и најголем предизвик за овој сектор – дали ќе биде угушен од бирократија и државен интервенционизам, или пак политичарите ќе покажат државнички карактер и ќе ја прилагодат регулативата да биде поттикнувачка за овој стил на претприемаштво.

Претходна статијаАстероидот 2004 BL86 безбедно помина покрај Земјата, снимките покажуваат дека тој има своја мала месечина
Следна статијаМобидониа, Македонски генератор на мобилни апликации