По неофицијалните информации дека наредната генерација на паметни часовници од Samsung ќе работат на Wear OS, сега имаме и потврда за истото, но и до некаде неочекуван и интересен развој на настаните.

Samsung ќе почне да го користи Wear OS од Google, наместо нивниот Tizen OS, но затоа наредната верзија од Wear OS ќе биде развиена во соработка помеѓу двете компании, односно Google и Samsung. Соработката може да се каже дека ќе го собере најдоброто од двете платформи креирајќи платформа која ќе биде подобра, а од тоа корист секако ќе имаат корисниците.

Новата верзија од Wear OS уште не е готова, па и Google не ја прикажа целосно на вчерашниот Google I/O настан, на кој беше најавена соработката. Најавени беа неколку основни новини кои ќе произлезат од соработката.

Wear OS благодарение на Samsung ќе добие доста подобри фитнес можности, а ќе биде оптимизирана и работата на системот за подобра потрошувачка на батеријата. Како пример се дава можноста да се следи континуирано пулсот или спиењето на корисникот, а сепак да остане доволно од батеријата за целодневно користење на часовникот.

Придобивките кај новиот Wear OS нема да бидат само од страната на Samsung, па корисниците ќе добијат и со поголем избор на апликации, нешто што е карактеристично за големиот број на програмери на Android платформата.

Од Google презентираа дел од новините кои ќе бидат поврзани со корисничкото искуство, па може да се види дека ќе биде направен еден вид на комбинација во начинот на навигација низ достапните „картички“ на часовникот, а исто така прикажано е и лесното менување на активни апликации.

Wear OS ќе овозможува и поголема промена од страна на производителите на часовници, па тие ќе имаат лесна можност да го направат изгледот на софтверот според нивните желби, со што ќе се добие уникатност карактеристична за тој производител.

Samsung се очекува дека новите Galaxy Watch4 и Watch Active4 ќе ги пушти со новиот Wear OS, а нивното претставување се очекува да биде во јули или август.

ИЗВОРGoogle
ИЗВОР 2Engadget
Претходна статијаMozilla тестира нова функција за изолација на веб страните со која Firefox конечно ќе го стигне Chrome во овој дел
Следна статијаMicrosoft потврди дека пуштањето на Windows 10X е откажано, а некои од функциите од овој систем ќе станат дел од Windows 10
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.