phpfvailz

Најголемиот саем за мобилни телефони и мобилна технологија, Mobile World Congress во Барселона, донесе неколку долго очекувани новитети, но и неколку изненадувања, особено од малосериските производители. Хитови секако беа новите Galaxy S7 уреди на Samsung и G5-ката на LG, но имаше и интересни акциони камери кои можат да снимаат VR 360 степени видео, како и лаптопи, таблети и Windows 10 Mobile смартфони со одлични Continuum решенија за да можат да се користат како целосен компјутер.

Untitled-2

Samsung како и секогаш помина најзабележано – Galaxy S7 и S7 Edge се очекува повторно да бидат хит на пазарот. Двата уреди имаат различни димензии – обичниот 5,1 инч, додека Edge моделот има екран со 5,5 инчи, но останатите спецификации се исти – резолуција на Super AMOLED дисплеите од 2560х1440 пиксели, Exynos Octa 8890 или Snapdragon 820 чип, 4 GB рам, 32 GB или 64 GB простор со можност за проширување преку micro SD картичка, нова задна камера со 12 мегапиксели и f1.7 бленда и веројатно многу важно за оние кои ќе се сликаат летово на плажа, IP68 отпорност на вода – ќе може без проблем и да се избањате со смартфонот. Покрај смартфоните, Samsung ја претстави и Gear 360 камерата за снимање виртуелно видео, наменета за оние со поактивен живот.

gsmarena_001

LG имаше пак вистински хит со новата G5-ка и со овој модел се чини конечно ќе биде добра противтежа на доминацијата на Galaxy S серијата. Моделот е сега целосно изработен од алуминиум на кој нема ниту ситни пластики за антената, додека долниот дел може да се отстрани за да се смени батеријата, односно да се додадат некои можности, како на пример камера држач или подобрен аудио излез за слушалки. Спецификациите се најмоќни што може во моментов: Snapdragon 820, 4 GB рам, 32 GB простор со слот за micro SD, 5,3 инчен дисплеј со 2560×1440 резолуција, задна камера со 16 мегапиксели и предна со 8 мегапиксели.

 

HTC претстави четири модели на MWC, во обид да ја зголеми целосната продажба на паметни телефони, која кај нив е во константно опаѓање. Најинтересен е моделот Х9 од средно-високата класа, кој има 5,5 инчен дисплеј со Full HD резолуција и Boom Sound звучници напред, MediaTek Helio X10 чип, 3 GB рам, 32 GB простор и 13 мегапиксели камера. Останатите три модели се од Desire серијата и ќе се натпреваруваат во средните и ниските класи, а ги карактеризира модерен дизајн со „испрскана“ пластика во боја.

Xiaomi, како што веќе беше најавено пак го претстави својот нов знаменосец Mi 5, кој доаѓа во неколку различни изведби, од кои најмоќната има Snapdragon 820 со 4 GB рам и 128 GB простор, како и керамичко тело. Дисплејот има големина од 5,15 инчи и резолуција од 1920х1080 пиксели, додека задната камера има 16 мегапиксели и f2.0 бленда. Како и секогаш, главен адут на Mi 5 ќе биде пониската цена во однос на конкурентите – очекувајте да почнува околу 20.000 денари за моделот со 3 GB рам и 32 GB простор.

Од останатите производители на Android сцената, Alcatel ги откри новите Idol 4 и Idol 4S модели од средно високата класа, ZTE ги претстави Blade 7 алуминиумските телефони од средната класа, Obi Worldphone претстави супер евтин смартфон (139 долари) со прилично модерен дизајн, кинескиот Oppo претстави технологија за брзо полнење на смартфоните од само 15 минути, додека Panasonic ги претстави супер издржливите смартфони од FZ серијата, кои имаат верзија со Android и Windows 10 Mobile.

Кога сме веќе кај Windows 10 Mobile, HP имаше вистински хит со моделот Elite x3, кој има супер моќни спецификации – Snapdragon 820, 4 GB рам, 32 GB простор со слот за micro SD, 6 инчен Quad HD дисплеј, 16 мегапиксели камера со f2.0 бленда, но многу поважно од тоа, придружен „лаптоп“ кој е всушност екстензија за смартфонот преку Continuum опцијата и се чини е вистинско решение за оние кои често патуваат и кои сега ќе можат да го користат својот телефон како компјутер дури и ако немаат монитор пред нив.

На MWC како и секогаш имаше најава како ќе изгледа иднината со Flex Enable концепт за „паметен часовник“, кој е всушност голем OLCD дисплеј кој е буквално свиткан околу раката и најавува дека овие геџети наскоро би можеле и целосно да ги заменат нашите смартфони. Intel пак најави дека 5G мрежата е веќе зад аголот, објавувајќи партнерства со Ericsson, KT, LG Electronics, Nokia, SK Telecom и Verizon.

Иако е саем пред се за смартфони, на MWC беа претставени и неколку Windows 10 таблет/лаптопи и лаптопи. Alcatel го лансираше малиот и евтин Plus 10 таблет со Atom процесор и придружна тастатура, Huawei го претстави супер тенкиот MateBook со Core M процесори, исто така со придружна тастатура, додека Lenovo претстави два Yoga лаптопи со Windows 10, покрај трите Android таблети и двата смартфони од средната класа VIBE K5 Plus и VIBE K5.

Од останатите играчи на сцената, Jolla ја претстави својата нова верзија на Salfish OS оперативниот систем преку новиот Intex Aqua Fish паметен телефон, кој би требало да ги привлече купувачите со поплиток џеб.

Ако сумираме, MWC можеби не е саемот кој беше пред нколку години – многу производители се одлучуваат новитетите да ги претстават на сопствени премиери. Сепак, фактот што најголемите корејски производители се одлучуваат токму тука да ги лансираат своите нови знаменосци, кажува дека саемот и натаму е значаен во светот на смартфоните и мобилната технологија и уште сега нетрпеливо очекуваме што ново ќе ни донесе наредната година.

Фото: PocketLint

Претходна статијаНовиот 4 инчен iPhone ќе се вика SE?
Следна статија5-та димензија би можела да значи поништување на Теоријата на релативитет