firefox-new-tab

Можноста за започнување со прикажување на реклами беше најавена на почетокот од оваа година, како нешто што ќе важи за новите корисници, односно на нова инсталација од прелистувачот пред корисникот да направи историја од отворени страни. Оваа можност потоа беше тестирана во Август од раните верзии од прелистувачот, но беше проширена за сите корисниците, а не само за новите.

Во основа прикажувањето на реклами во Firefox ќе се наоѓа на New tab страната, односно страната која што се прикажува кога ќе отворите нов таб, се разбира пред да отворите некоја страна. Оваа страна, која што до пред неколку верзии баша празна, почна да прикажува плочки, слично како што тоа е случајот со Chrome. На нив се прикажуваат страните кои што најчесто ги посетувате и служат за нивно побрзо наоѓање кога ќе отворите нов таб.

На овие плочки ќе бидат прикажувани рекламите и истите корисниците ќе можат да изберат да не ги добиваат. Тоа значи дека без разлика дали за првпат го користите прелистувачот или го користите веќе подолго време, кога ќе отворите нов таб, на него ќе може да ви бидат прикажани реклами.

Рекламите ќе бидат во форма и големина како и досегашните плочки и ќе бидат означени со збор. Од Mozilla истакнаа дека ќе бидат собирани информации за рекламите, меѓутоа тие ќе бидат анонимни, агрегирани од сите корисници и нема да може да се користат за идентификување на корисникот и негово следење додека сурфа. Информациите кои што ќе се собираат ќе бидат од типот колку пати е кликната одредена реклама, како и колку пати е прикажана на корисниците.

Тие што сепак не би сакале да добиваат реклами на оваа страна тоа ќе можат многу едноставно да го исклучат. Во новата верзија од Firefox, можеби имате забележано ново копче во десниот горен агол каде што се појавуваат три опции, enhanced, classic и blank. Рекламите ќе се прикажуваат само на корисниците каде што е избрана опцијата enhanced, која што покрај рекламите овозможува и прикажување на подобри икони на плочките на местото од страните кои што немаат добар screenshot од нив. Доколку не би сакале да гледате реклами, истото можете да го исклучите со избирање на classic опцијата, како и blank.

Screenshot 2014-11-14 20.26.27

Рекламите исто така нема да се прикажуваат на корисниците кои што ја имаат избрано опцијата Do not track пред почетокот на прикажувањето на реклами, додека ако тоа го имате направено потоа, рекламите ќе можете да ги скриете само со избирање на classic опцијата.

Иако овој потег од Mozilla наиде на многу критики, за многу ова е добар потег, а рекламите се имплементирани на начин што нема да го сменат корисничкото искуство, како и нема да претставуваат проблем за приватноста на корисниците. Mozilla моментално најмногу зависи од Google кога се работи за приходи, па осамостојувањето би бил добар начин за осигурување на развојот и постоењето на овој прелистувач.

Се разбира, не треба да очекувате веднаш да почнете да гледате реклами. Mozilla моментално има направено договор со две компании, а рекламите нема да се прикажуваат доколу прелистувачот го користите на македонски јазик.

Извор: Mozilla, PCWorld

Претходна статијаПретставен Skype for Web, користете го сервисот директно од вашиот прелистувач
Следна статијаОдговор од OneDrive тимот за воведувањето на селективно синхронизирање во Windows 10
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.