Mozilla ја пушти верзијата 132 од нивниот прелистувач Firefox оваа недела, а со тоа ја означи и 20 годишнината од претставувањето на овој некогаш најпопуларен прелистувач на пазарот.
Официјалната годишнина, односно датата кога беше пуштена првата верзија од Firefox e 9 ноември 2004, а пуштањето на 132-рата верзија е најблиску до таа дата, па може да се смета како јубилејна.
Firefox 132 не донесува некои драстични новини, а од кога прелистувачите почнаа да добиваат нови верзии многу почесто, логично е дека повеќето верзии донесуваат помали промени.
Оваа верзија сепак донесува исправка на безбедносни пропусти, а тука е и поддршката за 4К содржина на познатите стриминг сервиси како Netflix. Досега само преку Edge или Safari можеше да се гледаат видеата во највисоката достапна резолуција.
Пуштањето на оваа новина ќе оди постепено, што значи дека не може да се очекува веднаш уште оваа недела.
Втора новина која се истакнува е автоматското вклучување на блокирањето на „колачиња од трети страни“ кога корисниците го користат „строгото“ ниво на блокирање на тракери.
Инаку, Firefox е направен на основа на најпознатиот прелистувач во деведесеттите Netscape Navigator кој ја изгуби „војната“ со Internet Explorer. Кодот на Netscape е отворен во 1998 година кога и започнува работата на новиот прелистувач од страна на Mozilla Foundation.