Microsoft во Windows Insider, програмата за тестирање на нови функции во Windows, додаде уште еден канал. Сега програмата има четири канали, а новиот е наречен „Canary“.

Ова име се користи и кај интернет прелистувачите, па не треба да се измеша, односно само името е исто, а останатите работи имаат разлики. Една од главните разлики е тоа што Microsoft не планира да пушта нова верзија секој ден од Windows Canary верзијата.

По најавата на Canary каналот веднаш почнаа шпекулациите дека од компанијата со ова официјално го започнуваат тестирањето на Windows 12 или како и да биде наречена наредната верзија од Windows. Според се’ уште неофицијалните информации, Microsoft се враќа на тригодишниот циклус на пуштање нова верзија од Windows, откако Windows 10 не испадна да е „последниот Windows“.

Додека дознаеме дали овие шпекулации ќе испаднат вистинити, да видиме како Microsoft ги објаснува четирите канали кои сега им се достапни на корисниците на Windows.

Новиот Canary канал Microsoft го опишува како место каде што ќе може да се видат промените во платформата кои бараат подолго време пред да бидат пуштени за корисниците. Примери за вакви промени се поголеми промени во „кернелот“ на Windows, нови API алатки и слично. Овој канал се истакнува дека ќе биде доста нестабилен, па може да се очекуваат и проблеми во функционирањето на компјутерот. Сепак, се работи за нови функции кои не се доволно тестирани, а за нив нема да бидат пуштани ни објави на блогот од компанијата, ниту ќе има документација.

Бројката на верзијата од Canary каналот секогаш ќе биде повисока од другите канали, а истата сега ќе биде во 25000 серијата, во која досега беше „dev“ каналот. Корисниците на dev каналот ќе бидат автоматски префрлени во canary каналот, па доколку сакаат да се вратат во новиот dev канал, ќе мора да направат чиста инсталација на системот.

Новиот dev канал во основа не делува многу променет. Овој канал повторно ќе биде местото каде што корисници ќе можат да ги видат новите функции во Windows 11 кои не се поврзани со некоја конкретна верзија и кои може да бидат пуштени за сите, но и не мора.

Овој канал ќе биде постабилен од canary, што значи дека корисниците ќе можат да го користат без очекување на голем број проблеми.

Beta каналот го задржува својот стил, односно се работи за доста постабилен канал со функции кои се имаат покажано како добри и популарни во dev каналот и може да се очекува да бидат пуштени за сите корисници.

На крајот, Release Preview каналот исто така го задржува својот стил. Преку овој канал ќе може да се инсталираат предвреме одредени исправки и одредени нови функции, а исто така корисниците може да го користат за предвремено инсталирање на наредната надградба на Windows 11 краток период пред истата да им биде пуштена на сите корисници.

Сличноста на canary и dev каналите, како и не споменувањето на Windows 11 само во описот на canary каналот, се едни од главните причини зошто се верува дека ова е уште еден доказ за постоењето на Windows 12 и почетокот на неговото тестирање сега.

ИЗВОРXDA-Developers
ИЗВОР 2Microsoft
Претходна статијаNothing Phone (2) ќе го користи Snapdragon 8+ Gen 1 чипот
Следна статијаДали сте подготвени за третата сезона на британската крими серија Среќна долина?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.