Како што беше најавено пред нешто помалку од две недели, Microsoft Office 2016 е официјално достапен за сите корисниците. Корисниците на Office 365 претплата ќе ја добијат новата верзија како надградба, што е и една од предностите на овој модел на користење на пакетот програми, наместо негово еднократно купување.

На прв поглед можеби и нема да забележите нешто посебно ново во програмите кои што ја добиваат првата надградба после скоро 3 години. Тоа е така зошто концептот на програмите не е променет, па доколку и не сакате многу промени, корисничкото искуство нема да ви биде нарушено.

Главната промена во корисничкиот интерфејс е додавањето на боја над горниот дел, карактеристична за секоја од посебните програми, па така Word ќе ја има сината боја, Excel зелена и слично.

Исто така, корисничкиот интерфејс е освежен и вклучува одредени суптилни промени кои што му даваат понов изглед. Познатата лента (ribbon) која што е карактеристична за Office програмите останува и во оваа верзија и истата е малку прилагодена за да ги вклучи некои од новите функции.

Што се однесува до новите функции кои што ги донесува најновата верзија од Office, не се работи за некои револуционерни новини. Во основа програмите остануваат исти, но сепак вклучуваат неколку вредни и важни промени.

The-new-office-is-here-1-v2

Една од главните промени кои што доаѓаат со Office 2016 е можноста за работа во вистинско време на еден документ од страна на повеќе корисници. Оваа можност е веќе одамна достапна на онлајн верзијата од Office, како и на познатите Google Docs кои што често беа и користени баш поради оваа можност.

За вклучување на повеќе корисници на еден документ се користи новото Share копче кое што е додадено во горниот десен агол од Word. За да можете да вклучите други корисници документот мора да биде зачуван во облакот, односно во OneDrive. Со внесување на email адресите од корисниците, им овозможувате да го прегледуваат или да работат на документот. Сите промени ги гледате во вистинско време како што се случуваат, а исто така можете да разговарате со корисниците преку Skype.

На почеток функцијата е достапна само за Word, меѓутоа се најавува нејзино проширување и за другите програми во пакетот.

Поврзано со оваа функција е и историјата на промени кои што се направени на еден документ. Овој дел од Word е подобрен во најновата верзија, па следењето на промени, а посебно тие направени од повеќе корисници, треба да биде многу поедноставно и корисно во работата.

Уште една новина која што вреди да се напомене е Smart Lookup. Се работи за функција која што ви овозможува да направите пребарување во самата програма селектирајќи некој збор во вашиот документ. Со притискањето на Smart Lookup функцијата која што се наоѓа во менито кое што се појавува со десниот клик, добивате резултати од Bing кои што вклучуваат веб страни, дефиниции, слики и слично. Ова се разбира не може да го земени истражувањето преку прелистувач, меѓутоа доколку ви е потребна брза и кратка информација, заштедува време скратувајќи ја потребата од отворање на посебен прозор.

Excel-2016-New-Sunburst-Chart

Во Excel не може да се истакнат многу новини, односно достапни се само нови графикони кои што се креираат од информациите во табелите. Овие графикони се достапни и во Word и PowetPoint.

Со оглед дека оваа верзија од Office е направена за времињата кога облакот е важен дел од работата, интеграцијата со него е значително подобрена. Тоа може да се види и преку новата можност за споделување на фајлови од OneDrive преку Outlook. При закачување на фајлови, активноста е подобрена преку покажување на последните користени, па нема да мора да ги барате преку File Explorer-от. Дококлу изберете фајл кој што се наоѓа во облакот, тој автоматски ќе биде прикачен во пораката во форма на линк до неговата оригинална локација, автоматски доделувајќи ги потребните дозволи за корисникот кој што ја добива пораката да може да го види.

Уште една новина која што се истакнува е Tell Me. Ова е функција често споредувана со стариот Clippy асистент достапен во постарите верзии од Office. Tell Me функцијата е наменета за помош при барање на одредена команда во големиот број кои што се достапни, како и во ситуација кога не знаете како се прави нешто. Со едноставно внесување на Copy командата на пример, истата ќе биде прикажана, па нема да мора да ја барате доколку не знаете каде се наоѓа на летата.

Во продолжение можете да погледнете видео направено од Office тимот во кое што се истакнати главните новини кои што се достапни во новата верзија.

Извор: Office 1, Office 2, The Verge, Engadget

Претходна статијаMarkO има потреба од iOS тестери
Следна статијаSkype повторно функционира без проблеми
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.