Microsoft, заедно со претставувањето на нови Surface уреди, најави и повеќе новини кои на корисниците ќе им станат достапни во месеците што следат на Windows 11.
Листата е доволно голема, а во главно се работи за подобрување на веќе постојните функции, со што Windows 11 ја подобрува својата функционалност. Како што би се очекувало, голем дел од новините се поврзани со вештачката интелигенција.
Во објавата насловена како „Претставување на нова генерација на Windows искуства“, Microsoft ги дели новините помеѓу тие кои доаѓаат само на Copilot+ компјутерите, како и новини за сите корисници на Windows 11.
Една од поголемите новини која доаѓа за Copilot+ компјутерите е додавањето на AI агент во Settings апликацијата. Корисниците ќе можат во лентата за пребарување да напишат што е тоа што сакаат да го променат или кој е проблемот кој сакаат да го решат, па Windows ќе им даде конкретен предлог како тоа да го направат.
Доколку корисникот му даде дозвола на агентот да ги менува прилагодувањата на компјутерот, потребната промена може веднаш да биде направена од страна на Windows.
Примери кои од компанијата ги даваат вклучуваат такви како „стрелката на глувчето е многу мала“ или „како да го контролирам компјутерот со глас“. Заедно со прикажувањето на конкретните прилагодувања, сега Windows ќе додаде и копче веднаш да биде направена потребната промена.
Click to Do функцијата добива подобрување со можноста да се праша Copilot за работите кои се селектирани, како текст или слика.
Подобрувања добиваат и Photos апликацијата, Paint и Snipping Tool. Посебно се истакнуваат можноста за додавање на три извори на светлина во Paint, како и автоматското селектирање на одреден објект од страна на Snipping Tool.

Втора поголема најава која е дел од објавата на Microsoft, за која тие издвојуваат многу мал дел е новото Старт мени. За истото можевме неофицијално да прочитаме, па сега од компанијата ги потврдуваат промените.
Старт менито сега ќе има можност да ги прикажува сите апликации на главната негова страна, а Microsoft ја најави и интеграцијата со Phone Link апликацијата.
File Explorer добива интеграција со вештачката интелигенција, а со тоа и можност директно да се сумира содржина во документите, на пример, да се изменат слики и слично.
Една од подобрите новини поврзана со Copilot, а е доста актуелна оваа година и кај конкурентите, е можноста асистентот да има пристап до екранот. Со тоа корисниците можат да поставуваат прашања за тоа што го гледаат во моментот и да побараат помош.
Microsoft дава одличен пример со слика во Photoshop за која се бара помош од Copilot како да биде направена подобро да изгледа. Copilot не само што дава предлози, на корисникот му покажува каде се наоѓаат алатките кои му предложува да ги користи за измена на сликата.
Целата објава од Microsoft е достапна на овој линк.